Достапни линкови

Шулајковски со циклусот „Предградие на свеста“ во КИЦ


„Предградие на свеста“ е насловена 54-та самостојна изложба на слики на м-р Тони Шулајковски што, од 19 до 31 мај, ќе се одржи во Културно Информативниот Центар -Скопје. Ќе бидат претставени 30 дела, акрилик на платно, работени во последниве пет години, како дел од творештвото на уметникот за кое е бележано дека претставува „звучна полифона импресија во постојано префирање“.

„Сета таа констелација на непредвидливи спинови и вектори, сугерирани и акцентирани со импулсот на гестот го детерминираат енергетскиот и психолошкиот набој воведувајќи нè постојано во една нова загатка - енигмата на недоосознаеното....Творештвото на Тони Шулајковски го доживуваме како една широко оркестрирана авантура опчинета од хедонизмот на љубопитноста, опчинетоста со магијата на истражувањето во неисцрпноста на разотркивањето на архипелазите на мистифицирното и демистифицираното, на осознаеното и неосознаеното, на светот во нас и светот надвор од нас.“

Барајќи ја свеста наидуваме на различни пречки. На различни искуства. На различни доживувања. Понекогаш ни излегуват и навираат спомени од тоа што некогаш сме го доживеале и сето тоа некако ми се собра и моментално го забележував на моите платна.

Ова ќе го забележи историчарката на уметност Виолета Калиќ во својот текст насловен како „Траекторија инсертирана во безвременоста“ што се најде во каталогот за 54-та самостојна изложба на м-р Тони Шулајковски што, од 19 до 31 мај, ќе се одржи во изложбениот салон „Империјал 2“, во Културно Информативниот Центар во Скопје. Станува збор за постановка која е именувана како „Предградие на свеста“ и во чии рамки уметникот се претставува со 30 дела, акрилик на платно, работени во периодот 2012 – 2016 година.

Говорејќи за постановката Тони Шулајковски вели дека откако на претходната изложба ги претставил делата во кои се бави со потрагата по енергијата што не опкружува и почетокот на создавањето, дошол до интересна идеја да ја истражи потребата на свесноста да се откриеме и себе си. Тој појаснува дека во битисувањето на овој свет повеќето од нас не се самореализирани и самооткриени, дури и не се толку свесни.

„Барајќи ја свеста наидуваме на различни пречки. На различни искуства. На различни доживувања. Понекогаш ни излегуват и навираат спомени од тоа што некогаш сме го доживеале и сето тоа некако ми се собра и моментално го забележував на моите платна. Си реков на себе „ајде оваа изложба ќе ја подготвувам некако постепено затоа што не секогаш работите извираат како што се.“

Уметникот дополнува дека на оваа негова изложба посетителите ќе имаат можност да видат еден интересен колаж од неговите лични доживувања во последнава половина декада буквално инспирирани од внатрешниот живот и секојдневното искуство. Истакнува дека и нему не му е сеедно што се случува овде околу нас, но дека тој како автор обично не наоѓа некоја допирна точка со секојдневните случувања.

„Повеќе ме инспирира она што јас лично го доживувам во мојот свет. Светот на секој творец е различен, но јас тежнеам кон тоа што подобро да си се откријам самиот себе си и што подобро да си се претставам во моите дела. Тоа е она што мене повеќе ме провоцира. Повеќе отколку реалноста. Се разбира дека реалноста си има свое влијание што може да се види во делата, нормално и тоналитетот е малку променет во однос на другите слики...но јас претежно се вртам кон внатрешниот свет. “

Инаку, Шулајковски не е сигурен каде во иднина ќе ја насочи сопствената творешка енергија. Вели дека таа би требало повторно да се врти околу свеста, самооткривањето, само свесноста...но дека би сакал и натаму да работи нешто поразлично. Подготвен е во новите потраги да додаде и некои елементи што досега не биле присутни но кои засега не би сакал да и ги открива на културната јавност. Она што сега би можел да го каже е дека освен во галериите во Република Македонија, неговата изложба „Предградие на свеста“ догодина ќе патува во Италија и во Шпанија.

Роден 1969 година во Скопје, Тони Шулајковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, на педагошкиот оддел, насока сликарство во класата на проф. Ана Темкова. Член е на ДЛУМ од 1993 година, а од учебната 1996/97 работи како ликовен педагог во основните училишта „Петар Поп Арсов“ и „Аврам Писевски.

Постдипломските студии, насока сликарство, ги завршил на Академијата во класата на професор Родољуб Анастасов, а во последнава декада работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди“.

Зад себе има 54 самостојни изложби, над 80 групни постановки и бројни ликовни хепенинзи и колонии во земјава и во странство. За своето творештво добитник е на неколку значајни награди и признанија од кои посебно за издвојување се „Сликар на годината 2012“ на Остен, Светската галерија на цртеж, наградата за сликарство – мал формат „Константин Мазев – Коце“ во 2008 година, а во 1992 година бил прогласен за најдобар студент на педагошкиот оддел на Факултетот за ликовна уметност.

Потписник е ликовните хепенинзи „Трансценденција“ ( Карпошово лето 2010) и „ Диско грозница“ ( заедно со неговиот брат Емил Шулајковски - „Види музика, слушни слика, добиј книга“ - 2013, Градски парк Скопје).

Конечно, делата на Тони Шулајковски се наоѓаат во многу домови и се дел од колекциите на љубители на уметноста од Македонија, но и во Ирска, Холандија, Германија, Австралија, САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Велика Британија, Швајцарија, Франција и земјите во регионов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG