Достапни линкови

logo-print

Турција бара меѓународна помош поради нападите во Килис


Турција сама ќе преземе активности во нападнатиот пограничен округ Килис, доколку не добие помош однадвор, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Зборовите на турскиот претседател можат да се толкуват како знак дека Анкара може да има намера да дејствува сама против Исламската држава, коментираат западните медиуми.

„Ќе ја победиме ИД. Ќе го решиме тоа прашање сами, ако не добиеме помош за да ги спречиме ракетите да го поразат Килис“, изјави Ердоган на меѓународната средба на министри во Истанбул.

„Тропнавме на сите врати за безбедносна зона на нашата јужна граница, но никој не сака да го направи тој чекор. Ако светот не успее да договори одлучни дејствија против терористичките организации, светот повеќе нема да биде безбедно место“, нагласи тој.

Килис, кој се наоѓа од спротивната страна на регионот кој е контролиран од ИД во Сирија, во последните недели постојано е под ракетен оган.

Турските власти велат дека Анкара има потреба од поголема помош од меѓународната коалиција, предводена од САД, за заштита на нејзините граници. Во меѓувреме се зголемува и стравот за можните напади на територијата на Турција од страна на ИД.

Турската полиција даде привремено предупредување за можни напади од страна на ИД, за во четврток на 19 мај, кога Турција го обележува Денот на сеќавањето на Ататурк и празникот на младоста и спортот. За можни цели се сметаат воените објекти, откако војската ги засили дејствијата врз борците во Сирија.

XS
SM
MD
LG