Достапни линкови

Дрвокрадците се справуваат и со шумата и со полицајците


Дрвокрадци во прилепско ја соголија шумата, но физички се пресметуваат и со полицајците. Од Шумската полиција велат немаат доволно опрема, а стравуваат и за безбедноста на своите вработени.

Екипите на прилепската Шумска полиција се постојано на терен во вистинска борба со дрвокрадците, кои и натаму ја продолжуваат масовната бесправна сеча на дрвна маса во регионот. На удар се шумите во близина на вештачкото езеро и кај Дервен.

Одземавме голема количина на дрва, само во две вечери одземавме околу 50 метри кубни дрвна маса, одземавме 20 автомобили, а имаше и напади врз шумски полицајци од дрвокрадци.
Илија Спиркоски, командир на Шумска полиција од Прилеп.

„Имаме повеќе акции во соработка со полициската станица во Прилеп. Одземавме голема количина на дрва, само во две вечери одземавме околу 50 метри кубни дрвна маса, одземавме 20 автомобили, а имаше и напади врз шумски полицајци од дрвокрадци“, вели Илија Спиркоски, командир на Шумска полиција од Прилеп.

Дрвокрадците се добро организирани во групи од по 20-тина луѓе, со поделени обврски за што поуспешно завршување на кражбите. Нивните акции се многу често откриени од шумската полиција, која што им ги одзема возилата, дрвата, опремата со која што вршат бесправна сега. Но, шумската полиција се соочува со проблеми при секој обид да ги заокружи активностите.

„Секое одземање на возило го имаме овој проблем, немаме шлеп служба и влечеме со нашите возила, „лада нива“. Тоа веќе не е ни безбедно, треба некое решение да се најде за префрлање на одземените возила. Ни излегува во пресрет подружницата на „Црн Бор“, ни праќа возила, но се случува и тие да немаат, па мораме на сопствен ризик и со сопствени возила да ги префрламе одземените возила во контролите“, додава Спиркоски.

Екипите на шумската полиција се постојано во опасност, а не ретко доаѓа и до физички пресметки со дрвокрадците, во кои што полицајците се здобиваат и со посериозни повреди.

„Дрвокрадците се групирани во поголеми групи и се многу агресивни. Ние секој ден се соочуваме со напади кон колегите.“

„По човечкиот живот голем е нашиот ризик. Во претходните месеци имавме двајца повредени при одземање патнички моторни возила натоварени со дрва“, велат шумските полицајци.

За да им се намали опасноста по животот, бараат зголемување на надлежностите при вршењето на работата, можност од поставување блокади на локалните патишта, каде поминуваат дрвокрадците со своите возила. Сметаат дека доколку шумската полиција е побројна и располага со нови и модерни средства за работа, и борбата со дрвокрадците би била поефикасна.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG