Достапни линкови

Шарената револуција побара социјална правда


Зад транспарентот „Младите си отидоа, партијата се вработи“, неколку илјади луѓе вечерва во Скопје побараа подобри услови за вработување и подобат третман кон невработените. Агенцијата за вработување и Министерството за економија добија боја.

Со извиците „боја, боја“ демонстрантите од т.н. Шарена револуција попладнево стигнаа пред Агенцијата за вработување која како и другите владини институции деновиве, беше бојадисана. Потоа неколкуте илјади граѓани се упатија кон Министерството за економија кое исто така беше обоено.

Овие два објекта вечерва беа цел на бојадисување поради темата на денешното собирање- социјалната неправда, лошите политики за вработување кои како што нагласија избркале 600.000 граѓани, а најмногу младите, од оваа земја и против вештачкото намалување на невработеноста со бришење на граѓаните од листите на Агенција за вработување. На главниот транспарент кој демонстрантите го носеа на почетокот на колоната пишуваше „Младите си отидоа, партијата се вработи“.

„Не сум само професор туку со гордост кажувам и дека сум член на професорскиот пленум. Младите, студентите, кои ја почнаа битката, кои го покажаа патот и сега покажуваат дека се тие на кои им останува оваа држава, дека не сакаат да бегаат од оваа држава. Ние им се придруживме и сакавме вистински реформи, сакавме дијалог, меѓутоа никој нас не не слуша за ништо, како за ништо што не се слуша никој друг во оваа држава“ рече професорката Билјана Секуловска- Габер пред Министерството за економија каде што насобраните извикуваа „лопови, лопови“.

Дејан Лутовски од партијата Левица пак ги критикуваше владините политики за невработените и како што рече лошите работни услови во странските инвестиции, а Агенцијата за вработување ја нарече агенција за бришење.

„Со секоја нова измена во законот за осигурување во случај на невработеност , со секоја нова измена во законот за евиденција од областа на трудот само се отежнува положбата не невработените лица во Република Македонија истите се обременуваат со разни бирократски бариери за да не можат да ги остварат нивните права по основ на невработеност“ рече Лутовски.

Демонстрантите кои излегуваат речиси секој ден во 18 часот на повик на движењето Протестирам и денеска тргнаа од пред просториите на Специјалното јавно обвинителство. На почетокот од маршот стигна веста дека членовите на Државната изборна комисија се согласиле до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да се испрати писмо во кое ќе се бара промени во Изборниот законик поради недоследности во изборните единици и немање услови за гласање во дијаспората што беше поздравено со аплауз.

Протестот заврши пред Министерството за економија, а демонстрантите најавија повторно собирање утре.

Покрај во Скопје вечерва протести се одржаа и во Штип, Делчево, Виница, Велес , Свети Николе, Струмица, Радовиш, Прилеп, Ресен и Крушево.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG