Достапни линкови

logo-print

Наместо во струја, ЕЛЕМ инвестира во паркови


Државната компанија ЕЛЕМ треба да вложува во нови капацитети за производство на струја, а не да гради паркови, велат упатените.

Наместо крупни проекти кои ќе им донесат бенефит на граѓаните, Владата уште еднаш почнува да гради нов мега проект во Општина Аеродром со кој нaјлесно може да се затскрие вистинската намена во трошењето на парите, велат антикорупционерите, откако компанијата ЕЛЕМ објави тендер за изградба на парк вреден 15 милиони евра. Додека граѓаните имаат потреба да плаќаат поевтина струја и гледаат како да го поминат месецот поради нискиот стандард, парите ќе отидат на парк со зоолошка градина.

Многу ми е сомнителна сумата. Паѓа во очи дека е фрапантна. И самиот износ создава сомневање дека се напумпани тие средства и оти е перфиден начин за извлекување јавни средства.

Антикорупционерите реагираат дека овој проект нема ниту смисла ниту логика која ќе го оправда трошењето пари

„Многу ми е сомнителна сумата. Паѓа во очи дека е фрапантна. И самиот износ создава сомневање дека се напумпани тие средства и оти е перфиден начин за извлекување јавни средства“, вели Вања Михајлова, експерт кој долги години ги следи случувањата во сферата на корупцијата, дополнувајќи дека владата продолжува со нерационалното трошење пари на буџетски средства, кои, наместо да се трошат за задоволување на основните потреби на граѓаните, од водовод до болници и училишта, се трошат за проекти со кои ќе се бараат уште повеќе финансии за трошење, поради нивно одржување.

„Според законот за буџет, обврска е средствата да се трошат рационално. Дали е ова рационално. Зоолошка градина има една, ако треба да се догради со нови капацитети, треба таа во градот да е заедничка за сите. Зошто има потреба секоја општина да си прави своја. Затоа велам дека е нерационално и коруптивно трошење пари“, вели таа.

Економистите велат дека тешко може да се разбере изборот на проектот во кој ќе инвестира ЕЛЕМ. Тие потенцираат дека доколку оваа компанија сака да се претстави како одговорна, може да вложи во енергетиката за да може да произведуваме струја која нема да биде скапа. Поранешниот заменик министер за економија, Зоран Витанов, вели дека на Македонија и е неопходно инвестирање во енергетика и укажува дека земјава има потенцијали и за соларна енергија и за енергија на ветер.

„На Македонија очајно и треба инвестиција во енергетика и ЕЛЕМ е тој што треба да инвестира во енергетика. Криволак е гол и неискористен, може да се постават фотоволтаични ќелии низ цел Криволак. Висорамнината горе над Кавадарци исто е ненаселена. Тоа се по светски експерти најубави области на Балканот за фотоволтаични ќелии. Македонија може да биде извозник на струја преку Чебрен и Галиште. Ништо од тоа не е искористено. И сега, бидејќи немаме знаење и нема стратегија и не сакаме да има стратегија, најлесно се перат пари кога ќе направите парк“, вели тој.

Инаку, во општината Аеродром во последните неколку години може да се забележат многу ново изградени паркови со вештачки езера и фонтани, но според некои согледувања, тие не содржат зеленило, туку многу повеќе бетонски градби. За антикорупционерите најспорно е тоа што не се дава отчет колку вкупно пари се потрошени во последните неколку години за изградба на овие паркови. Наспроти очекувањата за отчетност од институциите реалност е дека граѓаните сè повеќе ја губат довербата и во Државната комисија за спречување на корупцијата. Колку таа си ја врши работата се гледа ако се земе последниот извештај од кој се гледа дека драстично се намалува бројот на претставки од граѓани, коментира Михајлова.

„Во извештајот на Комисијата драстично е намален бројот на претставки. Малиот број на претставки зборува за недовербата на граѓаните. Од илјада поднесени претставки на почетокот, сега тој број е драстично намален. Тоа дава јасна слика дека граѓаните не веруваат и ја сметаат Комисијата за селективна и затоа не се поднесуваат претставки“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG