Достапни линкови

Демонстрантите побараа укинување на аболицијата


Демонстрантите со парола „Шарената револуција не признава фикус аболиција“ сакаа да маршираат до претседателската резиденција на Водно, но беа спречени на пола пат. Својот револ го изразија боејќи ја фотографијата на претседателот Ѓорѓе Иванов.

Неколку илјади граѓани и денеска демонстрираа во Скопје, а фокусот на протестите овојпат беше аболицијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов, па затоа беше планирано маршот да се одвива до претседателската резиденција на Водно со парола „Шарената револуција не признава фикус аболиција“. Меѓутоа, силно полициско обезбедување не им дозволи на демонстрантите да дојдат до резиденцијата, па граѓаните се собраа недалеку од објектот. Насобраните истакнаа голема фотографија од претседателот Иванов и ја гаѓаа со балони полни со боја, а беа запалени и неколку фотографии со Иванов и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Некои од демонстрантите им се обратија на граѓаните, кои извикуваа „Оставка, оставка“, а во позадина се пуштаа извадоци од таканаречените „бомби“ на опозицијата.

Денешните барања на протестот беа, како што беше речено, вистинските криминалци да одат во затвор, а таа порака беше содржана и во најавата за маршот на социјалните мрежи од страна на граѓанското движење „Протестирам“. „Бараме итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство“, стоеше во најавата.

Веќе речиси еден месец се одржуваат протести во Скопје и во други градови во Македонија, на кои се бараат итно повлекување на одлуката за аболиција, итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, како и да се повлече одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни.

Во организација на граѓанското движење „Протестирам“ вечерва се организираат протести во уште петнаесетина градови покрај Скопје, меѓу кои Куманово, Велес, Штип, Кочани, Кичево, Битола, Делчево, Крива Паланка, Струга, Прилеп, Струмица, Ресен, Радовиш, Гевгелија.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG