Достапни линкови

„Кој пукаше на 21-ви?“ на театарски фестивал во Романија


„Кој пукаше на 21-ви?“, првиот проект на Младинскиот културен центар од Скопје и МОТ+продукција, работен според актуелниот текст на современата британска авторка Керил Черчил во режија на Нина Николиќ, наскоро ќе учествува на престојниот меѓународен театарски фестивал во Темишвар, Романија. Пиесата, говорејќи за настаните што се случиле кон крајот на 1980-те, ги отвора прашањата на повторување на историјата и на фактот дека големите грешки направени во минатото, на човекот не му послужиле како пример за тоа што треба да направи денес.

По нецели две години од премиерната изведба, „Кој пукаше на 21-ви?“, првиот проект на Младинскиот културен центар од Скопје и МОТ+продукција, работен според текстот на Британката Керил Черчил во режија на Нина Николиќ, ќе патува на фестивал во Романија. Во земјата во која номинално е сместена приказната на пиесата. Имено, „Кој пукаше на 21-ви?“ го опсервира периодот пред и за време на романската револуција во 1989 година.

Кога станува збор за нашава земја, за Македонија, мислам дека жртвите се веќе паднати. Жртва сум јас, жртви се уметниците од мојата генерација, жртви се дури и оние на кои, на некој начин, им е страв за децата и затоа молчат оти сметаат дека на тој начин ќе им го земат лебот.
Нина Николиќ, режисерка

Состојбата во тоа општество е претставена низ конкретните и интимни приказни на ликовите при што приказната е раскажана главно низ три основни поглавја. Сепак, она што е битно е што претставата, говорејќи за настаните што се случиле тогаш, се обидува да ги отвори прашањата на повторување на историјата.

Во пресрет на учествово на Фестивалот, Николиќ истакнува дека направиле претстава со која сакале на некој начин да предупредат дека тонеме во бездна која е многу длабока и од која многу тешко ќе се извлечеме. Дополнува дека за неа е интересно и тажно тоа што историјата се повторува. Дека она што се случи во Романија се повтори во Украина. И дека она што се случи, пак, во Украина големо прашање е каде ќе се повтори.

„Кога станува збор за нашава земја, за Македонија, мислам дека жртвите се веќе паднати. Жртва сум јас, жртви се уметниците од мојата генерација, жртви се дури и оние на кои, на некој начин, им е страв за децата и затоа молчат оти сметаат дека на тој начин ќе им го земат лебот. И, со оваа претстава уште еднаш сакам да го нагласам и да го поставам прашањето дали ќе падне крв до колена и ако падне дали утре ќе се прашуваме кој на кого и зошто пукаше“, вели таа.

Продуцентот Русе Арсов вели дека кога во октомври 2014 година ја поставувале „Кој пукаше на 21-ви?“, како прва самостојна продукција по подолго време на МКЦ и МОТ, долго размислувале за таквиот исчекор, но дека текстот што го понудила Нина Николиќ - „Mad Forest“ од Керил Черчил, тогаш им се видел многу актуелен, а со оглед на тоа дека претставата и натаму живее на репертоарот неговата ововременост за транзициските системи, за револуциите воопшто, добива само на интензитет.

„Актуелноста на самиот текст и со тоа на нашата претстава ги препозна меѓународниот театарски фестивал TESZT Euro-Regional Theatre Festival Timişoara од Темишвар, Романија кој што не покани да ја прикажеме таму нашата продукција, така да очекувам уште долго да живее оваа претстава“, вели тој.

Во контекст на ова, Арсов информира дека „Кој пукаше на 21-ви?“, најнапред во вторник на 17 мај, во 20 часот, ќе биде повторно прикажана на матичната сцена во МКЦ, а шест дена подоцна во Темишвар. Тој дополнува дека се работи за прилично млад, но доста сериозен интернационален фестивал, на кој според програмата, годинешна тема е политичкиот театар.

Колку за потсетување, во претставата „Кој пукаше на 21-ви?“ играат актерите Ѕвезда Ангеловска, Петар Арсовски, Благој Веселинов, Стефан Вујисиќ, Нина Деан, Билјана Јовановска, Мартин Јордановски, Владимир Лазовски, Нина Максимова, Владимир Петровиќ и Кристијан Светиев, а во снимените видеа се појавуваат Синоличка Трпкова, Васил Зафирчев, Дарја Ризова и Снежана Стамеска.

Инаку, зад овој проект со својот творечки ангажман застанаа и Ивана Каранфиловска Угуровска како костимограф, композиторот Александар Пејовски, уметникот Јане Чаловски кој е потписник на сценографијата и Ѓорѓи Клинчаров како дизајнер на светлото и видео материјалите.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG