Достапни линкови

НБРМ: Монетарната поставеност соодветна, дополнителни промени не се потребни


Монетарната поставеност е соодветна и нема потреба од дополнителни промени, откако НБРМ донесе одлука за зголемување на каматната стапка од 3,25 отсто на 4 отсто на почетокот на мај, како реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките а заради неекономски причини.

Ова е оценка на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ кој на седница ги разгледа најновите остварувања, а во контекст на последните макроекономски проекции.

НБРМ соопштува дека се задржува констатацијата дека економските фундаменти се здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата.

„Притисоците на девизниот пазар и врз депозитната база на банките, во втората половина на април и на почетокот на мај, се исклучиво последица на влошените очекувања и намалената доверба на субјектите, во услови на продолжена политичка криза.“

Сите досегашни расположливи макроекономски показатели упатуваат на солиден економски раст, што во еден дел е поддржан и од кредитната активност на банките, наведува НБРМ.

„Податоците за инфлацијата за април упатуваат на понатамошен пад на цените, при пониски цени на храната и енергијата, додека базичната инфлација и понатаму се движи во зоната на умерени позитивни годишни промени.“

„Во надворешниот сектор, дефицитот во тековната сметка и натаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и стеснетиот енергетски дефицит, а надворешните финансиски приливи и понатаму се солидни.“

Притисоците врз девизните резерви, присутни во последниот период, се одраз на однесувањето на домашните субјекти, чијашто склоност за располагање со девизи, во нестабилен политички контекст, е значително зголемена.

„И покрај интервенциите на девизниот пазар, сите показатели за резервите покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови“, стои во соопштението.“

XS
SM
MD
LG