Достапни линкови

Повеќето бегалци во Идомени немаат валидни документи


Повеќето бегалци заглавени во Идомени немаат валидни документи затоа што нивната важност е истечена, соопшти грчкиот министер за миграциска политика Јанис Музалас.

„Документите на 70 отсто од луѓето во Идомени, што ги добиле кога биле регистрирани веќе се истечени, изјави тој и додаде дека ако полицијата ги провери десетте илјади мигранти кои се во кампот, повеќето од нив можат да бидат уапсени како илегални мигранти.

„Она што го велиме е дека ако тие се преместат во други кампови низ земјата, нивните документи автоматски ќе бидат обновени“, рече Музалас.

Некои грчки медиуми, повикувајќи се на владини извори, јавија дека евакуацијата на мигрантите од Идомени би можела да почне за две недели, кога ќе бидат подготвени центрите за сместување.

Според договорот постигнат со Европската унија во октомври минатата година, на Грција и беше даден рок до крајот на годината да создаде центри за сместување на 50.000 мигранти, но Атина досега не успеа да го спроведе договореното.

„Вистината е дека ние се уште не сме во можност да ги префрлиме сите овие луѓе во организирани центри“, соопшти претставник на грчката полиција додавајќи дека планот за евакуација може да оди напред ако се има потребната инфраструктура.

XS
SM
MD
LG