Достапни линкови

logo-print

Политичката криза ја потопува економијата


Илустрација

Илустрација

Колку што политичката криза подолго ќе трае, влијанијата врз економијата ќе бидат поголеми. Владата или ќе го затегне ременот или ќе направи поголем дефицит од планираното којшто граѓаните ќе го плаќаме во иднина.

Процентот на намалување на економскиот раст ќе зависи од должината на политичката криза, а падот ќе повлече низа последици, предупредуваат економските аналитичари. По изјавата на гувернерот Димитар Богов дека политичката криза ќе предизвика раст од 1,6 проценти или за два процентни поени понизок раст од предвидениот за годинава, економистите со став дека се потребни итни мерки на штедење.

Дури и да немаше економски раст, поранешниот премиер којшто шета низ Македонија, секојдневно го менува буџетот со тоа што ветува активности и извршува некои активности кои воопшто не биле планирани со буџетот. Дури и тогаш тие ќе мораа да прават ребаланс.

„Дури и да немаше економски раст, поранешниот премиер којшто шета низ Македонија, секојдневно го менува буџетот со тоа што ветува активности и извршува некои активности кои воопшто не биле планирани со буџетот. Дури и тогаш тие ќе мораа да прават ребаланс“, вели поранешниот гувернер Петар Гошев.

Но, дали е возможен ребаланс во услови на распуштено Собрание. Гошев вели дека Собранието може да се активира само за менување на одлуката за распишаните избори. Но, според него, ребаланс може да се направи фактички, а не мора формално. Еве што би значело тоа:

„Значи, Владата, ваква каква што е, треба да престане да троши, толку колку што предвидува во постојниот буџет. Едноставно може да тргне кон помала реализација на приходите во сообразност со проценка дека тие ќе бидат за неколку проценти помали од очекуваните. Или, пак, ако не го прави тоа, таа ќе направи дефицит многу поголем од предвидениот и потоа ќе бара потврда на таквиот дефицит во некоја точка од годината“, нагласува Гошев.

Според аналитичарот Висар Адеми, намалувањето на економски раст ќе биде во корелација со стабилноста на денарот, извозната политика и странските инвестиции. Сепак тој не смета дека ребалансот на буџетот е неопходна мерка при надолна линија на бруто домашниот производ.

„Ние никогаш не сме зависеле од некој ребаланс на буџетот. Зашто ние секогаш, постојано, веќе циклично се задолжуваме, за да може Македонија да го преживее месецот или кварталот. Единствена новост е што странските монетарни и банкарски институции имаат одлука да не и позајмуваат на Македонија во изборна година. Сега немаме ниту финансиска инекција и мислам дека деновите кои доаѓаат за Македонија ќе бидат прилично тешки“, вели тој.

Од Народната банка соопштија дека продолжувањето на политичката криза ќе предизвика пониски странски директни инвестиции и намалени домашни инвестиции, намалена кредитна активност, намалена извозна активност, помал економски раст, помалку нови работни места. Економистите, пак, порачуваат дека е потребно штедење, преиспитување на мерките за субвенционирање на земјоделството и за покачување на платите во администрацијата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG