Достапни линкови

Шарената револуција посветена на борбата против фашизмот


Денешниот протест организиран од движењето Протестирам се совпадна со одбележувањето на Денот на Победата против фашизмот. Борбата продолжува, велат демонстрантите, посочувајчи дека се борат за правда, мир, против тиранија.

„Во денешно време фашистичките никулци повторно дигаат глава. Шарената револуција е израз на гласните, на демократските сили, желни за социјална правда, за мир, против тиранијата“, рече Димче Најчески, учесник во НОБ во својот говор во паркот Жена борец наспроти Собранието во Скопје. Тој порача дека историските искуства учат дека треба да се биде буден и да не се дозволи фашистичката опасност повторно да завладее.

Во денешно време фашистичките никулци повторно дигаат глава. Шарената револуција е израз на гласните, на демократските сили, желни за социјална правда, за мир, против тиранијата.

Денешниот протест организиран од движењето Протестирам се совпадна со одбележувањето на Денот на Победата против фашизмот, па токму затоа и протестот во фокусот ја имаше борбата против фашизмот.

Од движењето Протестирам наведоа дека денеска протестираат против фашистичките елементи присутни во владеењето на овој режим.

Наставникот Владо Димовски во својот говот направи паралела меѓу наставниците учесници во НОБ и сегашните учители, потсетувајќи дека сегашните учители водат нова борба.

„Ние не ги научивме, да тепаат, да прислушкуваат, да крадат. Ние не ги научувме на ова. Нашата задача како учители, наставници е да му кажеме збогум на овој режим и да ги научиме идните генерации на поубава Македонија и да ја донесеме слободата во Македонија“, рече Димовски.

„Ако од 1941 до 1945 се боревме против надворешен фашизам, сега се бориме против фашизам што сами го инсталираа тие од владата“, рече во својот говор Соња Стојадиновска од движењето „Солидарност“.

Пред говорите во Паркот Жена борец демонстрантите положија цвеќе на споменикот на Жените во НОБ.

Демонстрантите денеска повторно ја обоија Порта Македонија, позната како Триумфална порта дел од контроверзниот проект Скопје 2014.

Протестот, на кој излегоа неколку илјади луѓе, почнаа вообичаено пред Специјалното јавно обвинителство и заврши во Паркот жена борец, наместо како вообичаено пред зградата на Владата. Таму, пак, на протест излегоа неколку илјади Албанци во организација на Опозицискиот совет на Албанците. Велат дека протестираат за правда, достоинство и демократија. Со извици Али предавник и УЧК, со многу албански знамиња, но и знамиња на ЕУ и на САД тие се собраа во Паркот во Чаир по што маршираа до Владата.

Во последните денови протестот организиран од движењето Протестирам секој ден е фокусиран на еден проблем во општеството, па така се протестираше против корумпираното судство, пред Државната изборна комисија побараа слободен и достоинствен изборен процес, се одбележа првата годишнина од жестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако беше објавена опозициската бомба за убиството на Мартин Нешкоски. Потоа во фокусот беше корупцијата и црно-белата МРТВ.

Демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција, оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, како и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада. Освен во Скопје, протести организирани од Протестирам се одржаа и во Кичево, Штип, Берово, Крива Паланка, Велес, Кавадарци, Струмица, Прилеп и Битола.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG