Достапни линкови

Ердоган: Не може промена на антитерористичкиот закон како што бара ЕУ


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека не може да стане збор за промена на турскиот антитерористички закон, како што тоа го бара Европската унија, за да може да се либерализира визниот режим за Турците, пренесоа светските агенции.

„ЕУ од нас бара да го промениме антитерористичкиот закон, за да ни ги укине визите. Тоа се кажува во момент кога Турција од сите страни е подложена на напади од терористички организации и нивните колаборационисти. Вие ни поставувате услови, а на терористите им одобрувате да ги отвораат своите шатори до зградата на Европскиот Парламент“, рече Ердоган.

Ердоган го наведе случајот од средината на март, кога за време на средбата Турција-ЕУ во Брисел, курдски активисти отворија шатори со симболи на Курдската работничка партија (ПКК), која во Турција се смета за терористичка организација.

„Ние ќе одиме по нашиот пат, а вие по вашиот. Договарајте се со кого сакате“, изјави Ердоган.

За да обезбеди безвизен пристап за своите граѓани до Европската унија, Анкара треба да исполни серија услови, поставени од Брисел. Еден од нив е да го усогласи законодавството и праксате во областа на тероризмот со европските стандарди, да ја стесни дефиницијата на тероризмот и да користи пропорционални мерки во борбата со него.

XS
SM
MD
LG