Достапни линкови

Само ВМРО-ДПМНЕ поднела листа за членови на избирачки одбори до ДИК. Од ДУИ велат дека изборите треба да бидат прифатливи за сите потписници на „Пржино“. ДПА ќе ги следи препораките на меѓунардната заедница, а СДСМ останува на ставот за бојкот.

До полноќ кога истече рокот за доставување на членови во избирачки одбори до Државната изборна комисија само ВМРО-ДПМНЕ поднела листа. Покрај СДСМ кои остануваат на ставот за бојкот на изборите на петти јуни, ниту ДУИ и ДПА не поднеле листи. Ова за Радио Слободна Европа го потврди и портпаролот на ДУИ Бујар Османи. Сепак на прашањето дали овој потег може да се смета за дефинитивна потврда дека нема да одат и тие на избори тој не даде конкретен одговор, но навестува таква можност.

Разговорите за изнаоѓање на решение продолжуваат. Ние остануваме на ставот дека кое било решение вклучувајќи ги и изборите треба да бидат прифатливи за сите партии потписници на скопскиот договор.

„Разговорите за изнаоѓање на решение продолжуваат. Ние остануваме на ставот дека кое било решение вклучувајќи ги и изборите треба да бидат прифатливи за сите партии потписници на скопскиот договор“, вели Османи.

Медиумите кои во дел од јавноста се сметаат за блиски до власта веќе објавуваат дека Ахмети ретерирал и дека подлегнал под притисокот и на последните состаноци отстапувал од изборите на 5 јуни, а слична била состојбата и со ДПА.

Партијата на Тачи пак досега со неколку чекори навести дека нема да одат на избори на петти јуни, а вчерашното недоставување листи е само уште еден показател за насоката во која би се очекувало да се движи оваа опозициска партија. И од таму денеска потврдуваат дека не доставиле листи и велат дека ќе ги следат сите препораки на меѓународната заедница и тесно ќе соработуваат со неа.

Според поранешниот претседател на Собранието, долгогодишниот политичар Стојан Андов и на ваквиот потег на ДУИ и на ДПА не може да се гледа како на конечна потврда за неучество на изборите.

„Тоа е еден знак, знак на незаинтересираност кај тие две партии за изборите кои следуваат, меѓутоа тоа се уште не е сигурен знак дека тие нема да одат на избори, можеби имаат доверба во избирачките одбори што си го состави ВМРО ДПМНЕ“, вели Андов според кој ВМРО- ДПМНЕ силно стои на идејата за одржување на избори на петти јуни и, како што вели, подготвени биле да направат сè, но очекува влијание од јавноста и мерки од меѓународната заедница.

Во меѓувреме посредните разговори кои ги водат дипломатите со партиите продолжуваат, а од СДСМ остануваат на ставот дека две клучни прашања се отповикувањето на одлуката за избори на петти јуни и повлекување на одлуката за аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов. Додека првото станува се поизвесно, односно дека избори по се изгледа нема да има, од опозициската партија брифираат дека за евентуален нов датум инсистираат да има и претходен рок до кој ќе се оцени дали се исполнети неколку услови- договор за медиумите, одвојување на партијата од државата, да нема заплашување на гласачи и прочистување на избирачкиот список. Од исполнувањето на овие критериуми би требало да зависи и одржувањето на изборите на евентуално новиот договорен датум, велат од таму додавајќи дека нивниот став постојано бил дека најважно е следните избори да бидат фер и демократски, а не терминот кога тие би се одржале. За прашањето поврзано со вториот услов на СДСМ повлекувањето на аболицијата засега нема ништо извесно и само се информира дека разговорите со амбасадорите на таа тема продолжуваат, додавајќи дека топката останува кај претседателот Ѓорге Иванов.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG