Достапни линкови

Најголема корист од аболицијата има власта


Според аналитичарите, токму луѓето од власта имаат најголем интерес аболицијата на Претседателот Иванов да не се укине. Многу изјави против аболицијата а малку вистински барања за да бидат изземени од помилувањето или ,според народната, „едно збори друго прави“

Иако одлуката за аболиција на претседателот Ѓорги Иванов предизвика лавина незадоволни реакции во јавноста, аналитичарите се убедени дека аболицијата најмногу и одговара на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Секако дека на ВМРО-ДПМНЕ му одговара оваа аболиција којашто се донесе од причина што тие ќе бидат ослободени од натамошни гонења од страна на Специјалното јавно обвинителство коешто гледаме дека професионално и доследно си ја извршува својата работа досега, вели политичкиот аналитичар МиткоГаџовски.

И според Башким Бакиу од Институтот за политики и добро владеење, тие што се чувствуваат виновни за злоупотреба на власта, имаат интерес да не се укине аболицијата.

„Значи практично им одговара на оние коишто реално се виновни, бидејќи се работи за процес којшто требаше да продолжи со покренување на уште иницијативи од Специјалното јавно обвинителство со цел постапката да продолжи“, вели Бакиу.

Гаџовски додава дека во овој момент политичките партии најмалку треба да се кријат зад оваа одлука, зошто тоа не носи резултати кои би ја разрешиле политичката криза.

Во меѓувреме, потсетуваме дека на списокот на помилуваните лица за кои претседателот донесе акт за запирање на кривичните постапки, најголем дел се од највисокото раководство на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Најмногу помилуван е екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, или вкупно 16 пати. По него следуваат поранешната прва полицајка Гордана Јанкулоска која е помилувана 11 пати, потоа екс директорот на УБК Сашо Мијалков со шест помилувања и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој е помилуван 5 пати. Шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер е помилуван 5 пати, а на списокот се и генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски кој е помилуван четири пати и началникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, помилуван три пати.

Но, на листата на аболицирани се и опозиционери. Зоран Заев, Бранко Црвенковски и Зоран Верушевски. Меѓу избраниците на Иванов се и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, лидерот на ДПА Мендух Тачи, актуелниот член на ДИК, Бедрадин Ибраими, потоа градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, поранешниот градоначалник на Скопје Владимир Тодоровиќ, битолскиот градски татко Владимир Талески, сопругот на Радмила Шеќеринска, Божидар Јанковски, шефот на обезбедувањето на екс премиерот Груевски, Дејан Митровски-Урко.

До Кабинетот на Претседателот на Република Македонија до овој момент, лични барања во писмена форма за повлекување на одлуката пристигнаа од Никола Груевски, Бранко Црвенковски, Зоран Заев, Трајко Вељановски, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Лиле Стефанова, Бедредин Ибраими, Живко Пејковски, Владимир Талески, Божидар Јанковски и Владимир Тодоровиќ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG