Достапни линкови

logo-print

ЕУ сака поголема солидарност меѓу членките


Земјите членки на Европската унија би требало не само да земаат, туку и да придонесуваат кон Унијата. Ова е заклучокот на состанокот во Рим посветен на иднината на Европа на кој, меѓу другите, учествуваа претседателите на Европскиот парламент, Европскиот совет и Европската комисија Мартин Шулц, Доналд Туск и Жан Клод Јункер.

Зборувајќи на панелот за состојбата на Европската унија, претседателот на европарламентот Мартин Шулц изјави дека многу лидери ги портретираат нивните земји како жртви на Брисел.

„Денес имаме лидери кои доаѓаат во Брисел и даваат интервјуа во кои велат дека мораат да ги бранат интересите на нивните земји. Тоа со други зборови значи дека интересите на нивните земји се нападнати од Брисел“, изјави Шулц, додавајќи:

Мартин Шулц, претседател на ЕП

Мартин Шулц, претседател на ЕП

„Често овие земји членки добиваат многу од фондовите за кохезија на Европската унија и воопшто не се нападнати, туку поддржани од Брисел“.

Станува збор за таканаречените кохезивни фондови кои имаат за цел намалување на разликите на различните региони во Европа.

Шулц без да спомне имиња предупреди и на некои лидери во Европската унија за, како што рече, „копирање на популистите, верувајќи дека на таков начин можат да ја добијат довербата на граѓаните и гласачите“.

Имаме полно работно време како Европејци кога треба да земаме и скратено работно време кога треба да дадеме. Во минатото, сите опфатени во проектот беа европејци со полно работно време. Сега имаме многу скратено работно време како европејци. Тоа е проблемот.

Сепак, Шулц призна дека Европа претставува ветување кое не е исполнето спрема генерациите кои, според него, се принудени да се жртвуваат за спасување на банките.

„Европа е ветување кое се дава секојдневно за зголемување на работните места, услугите, развојот. Генерации европејци се жртвуваа во очекување на тоа ветување, барем за своите деца. Но, европските лидери продолжуваат да бараат жртви, поголеми даноци и тоа за да ги спасат банките“, рече Шулц, оценувајќи дека поради тоа постои чувство на неправда.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск пак рече дека е илузија да се сонува за една европска држава и за една европска нација.

„Треба да прифатиме дека живееме во Европа со различни валути, политички сили. Најлошо е да се правиме дека тоа не го знаеме“, рече Туск.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер потсетувајќи се на времето кога тој, како министер за финансии на Луксембург, помогнал во подготовката на Договорот од Маастрихт за единствена европска валута рече:

„Тоа беше оној заеднички став на министрите за финансии и подоцна на премиерите, дека сме одговорни за голем дел од историјата. Тоа сега целосно исчезна“, рече Јункер, додавајќи:

„Имаме полно работно време како Европејци кога треба да земаме и скратено работно време кога треба да дадеме. Во минатото, сите опфатени во проектот беа европејци со полно работно време. Сега имаме многу скратено работно време како европејци. Тоа е проблемот“.

Јункер додаде дека за Европа не се зборува на добар начин, бидејќи од секој министерски состанок на ЕУ во Брисел се добиваат неколку верзии како да биле одржани, како што изјави, 28 различни состаноци.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG