Достапни линкови

Орав: Борбата против корупцијата клучна за напредокот


Институциите треба да им служат на интересите на сите граѓани, порача евроамбасадорот Аиво Орав во обраќањето на денешната конференција „Ден на интегритетот - спречување на корупција и судири на интереси во единиците на локалната самоуправа“.

„Вашата земја во моментов се соочува со сериозна политичка криза и криза во однос на владеењето на правото“, рече Орав дополнувајќи дека зголемените напори за борба против корупцијата на централно и на локално ниво се клучни за напредокот на земјата.

За жал, оцени, скорешната одлука на претседателот Иванов за помилување ги поткопува овие напори.

„Во однос на тоа сите државни институции треба да му помогнат на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да ја врши својата работа. Сепак, граѓаните на оваа земја со право очекуваат од своите тела за спроведување на законите да ја спроведуваат правдата и да се борат со корупцијата. Овие институции не треба да им служат на интересите само на неколку, туку на сите“, потенцира евроамбасадорот Орав.

Заменик-амбасадорот на Германија во Македонија Хелге Зандер, пак, рече дека многу важна работа за сите политички партии во државата е да се создаде околина за непречена работа на СЈО.

„Една целосна истрага за ова е навистина камен темелник за да се има доверба, стабилност“, рече Зандер додавајќи дека Германија дава поддршка на непреченото работење на СЈО.

XS
SM
MD
LG