Достапни линкови

Трамп, единствениот републиканец за Белата куќа


Доналд Трамп остана единствениот во трката за претседателски кандидат на Републиканската партија, откако последниот негов ривал Џон Кејсиќ се откажа од кампањата. Сега Трамп се соочува со предизвикот да ги поправи длабоките пукнатини во партијата пред изборите во ноември годинава.

Осветен со најверојатната номинација откако победи на партиските избори во Индијана, што го натера неговиот најлут ривал, сенаторот Тед Круз, да ја напушти трката, 69-годишниот милијардер од Њујорк планира да формира комитет за избор на негов потпретседател.

Тоа, според експертите, би требало да биде еден од потезите на Трамп да го врати единството во партијата пред претседателските избори на 8 ноември.

Неговата победа во Индијана му го отвори патот за конечна битка со најверојатниот претседателски кандидат на Демократската партија Хилари Клинтон.

Некои републикански лидери соопштија дека ќе го поддржат Доналд Трамп, наведувајќи дека е најважно на изборите за претседател да биде поразена Хилари Клинтон.

Таа, иако загуби во Индијана од нејзиниот противник, сенаторот Берни Сандерс, останува најсериозен претендент за претседателската трка.

Трамп најави дека ќе работи со Републиканскиот национален комитет со цел да собере една милијарда долари за претседателската кампања.

Гувернерот на Охајо Џон Кејсиќ, по откажувањето на Тед Круз, изрази надеж дека републиканците ќе го одберат него на конвенцијата во јули. Сепак, веднаш потоа тој рече дека ја завршува кампањата.

Некои републикански лидери соопштија дека ќе го поддржат Доналд Трамп, наведувајќи дека е најважно на изборите за претседател да биде поразена Хилари Клинтон.

Меѓу нив е сенаторот од Аризона Џон Мекејн, кој во минатата година, кога бараше да биде повторно избран за претседателски кандидат, беше навредуван токму од Доналд Трамп.

Сепак, раните од бруталната внатрепартиска борба се уште се длабоки и дел од републиканците не го поддржуваат Трамп во страхување дека тој ќе постигне катастрофален резултат за партијата во ноември.

Тие се згрозени од бомбастичниот и силеџиски стил на поранешната „риалити шоу“ ѕвезда и неговите навредувачки коментари за жените, како и најавите за изградба на ѕид на границата со Мексико и за депортирање на 11 милиони илегални мигранти од Соединетите Држави.

Како и да е, поддршката за Трамп меѓу републиканците почна да расте во изминативе недели и сега е на највисоко ниво од почетокот на партиската кампања.

Последните анкети покажуваат дека тој ја има поддршката на 53 насто од републиканците, додека Тед Круз има само 25 проценти.

Во евентуалната генерална претседателска трка, Клинтон води пред Трамп за десет проценти меѓу гласачите.

Хилари Клинтон во средата изјави дека Соединетите Држави не треба да ризикуваат со несигурен кандидат. Таа го критикуваше Трамп поради неговите ставови во врска со нуклеарното оружје и абортусот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG