Достапни линкови

Непристапни јавни објекти за лицата со хендикеп во Тетово


Многу јавни објекти во Тетово не се пристапни за луѓето кои се движат со инвалидска количка. Здруженијата повикуваат и локалните и централната власт да посветат поголемо внимание на овој проблем.

Десетици знаци се закачени на ѕидовите на голем број објекти во Тетово означувајќи дека таму нема пристап за лица кои се движат со инвалидска количка, со што се отсликува овој проблем на луѓето со телесна попреченост. Од здруженијата на граѓани чија работа е насочена кон потребите на лицата со физички хендикеп велат дека не знаат кој ги поставил ваквите знаци, но потенцираат дека ја покажува вистинската состојба - во Тетово сè уште многу објекти и места се недостапни за нивните членови.

Некои пристапни рампи се направени според правилата, некои не се направени, а дел од тие објекти воопшто немаат пристапни рампи. Таков објект е и зградата на Општина Тетово каде има направено пристапна рампа, но таа е направена вон сите прописи и е практично неупотреблива.
Зоран Андонов, Здружение на родители со деца со церебрална парализа

„Некои пристапни рампи се направени според правилата, некои не се направени, а дел од тие објекти воопшто немаат пристапни рампи. Таков објект е и зградата на Општина Тетово каде има направено пристапна рампа, но таа е направена вон сите прописи и е практично неупотреблива. Сепак, останува општината да поведе многу повеќе внимание, исто така и државните институции да поведат повеќе внимание“, вели Зоран Андонов од Здружението на родители со деца со церебрална парализа.

Велибор Јакимовски од здружението на инвалидизирани лица Мобилност од Тетово објаснува дека, иако е задолжително средното образование, децата со инвалидитет немаат секаде пристап до училиштата. Тој се сомнева дека тоа ќе се промени.

„Школите сега низ Македонија се реновираат. Добивме допис од министерот за да наводно овластени се, морално им е на инвеститорите и на директорите на школите да обезбедат услови за лицата со инвалидност. Имаше одговор наводно ако тоа не се исполни ќе следи глоба. На директорот ли, инвеститорот ли, проектот тој што го работел. Ние не се согласивме со таков одговор. Направивме уште еден допис. Нас не ни е во моментот гајле дали некој глоба ќе плати. Ние имаме потреба да имаме пристап“, истакнува Јакимовски.

Покрај објектите во Тетово, проблем во движењето на инвалидизираните лица се и несовесните постапки на граѓаните. Најчесто наидуваат на блокирани спуштените делови од тротоарите или возила паркирани на места предвидени за хендикепирани.

„Не се совесни возачите дека ги зафаќаат тротоарите и пристапните рампи кај што има. Нашите граѓани да бидат посовесни и да внимаваат кај ги паркираат возилата така што за некои лица што се движат на количка тоа е живот. Значи пристапноста е една од најосновните работи што им требаат, да се движат низ градот“, вели Адем Идризи од здружението Хендимак од Тетово.

Новите законски прописи за градење објекти предвидуваат задолжителна изградба на пристапни рампи за лицата кои се движат со помош на количка.

XS
SM
MD
LG