Достапни линкови

logo-print

Стефан Димовски фасциниран од погледот


„Поинаков поглед“ е насловена петтата самостојната изложба на Стефан Димовски, што од 3 до 17 мај, се одржува во Галеријата на НЛБ Тутунска банка во Скопје. Изложени се 38 дела работени во комбинирана техника на акварел, преку кои, како што ќе биде нотирано, авторот „го слави животот и постоењето“.

Акварелите на Димовски се визуелна поезија и музика кои покрај тоа што треба да се видат има потреба и да се прочитаат или слушнат, да се доживеат, и го оставаат можеби најбитното нешто во уметничкото дело, ја побудуваат фантазијата кај неговиот конзумент.

Гледачот упатува поглед кон делото, но во случајов и делото го набљудува гледачот. Тука е самата интеракција помеѓу делото и конзументот на делото која што сакам да ја искажам.

Ова, меѓу другото, ќе го забележи историчарот на уметност и куратор Горанчо Ѓорѓиевски во својот текст печатен во каталогот за изложбата „Поинаков поглед“ на Стефан Димовски, што од 3 мај се одржува во Галеријата на НЛБ Тутунска банка во Скопје.

Уметникот, пак, знае да каже дека со „Поинаков поглед“ сака да укаже најнапред на поинаквото видување на акварелот како техника, а потем и да алудира на тематиката каде во повеќето дела е присутен погледот. На самиот поглед како фасцинација.

„Гледачот упатува поглед кон делото, но во случајов и делото го набљудува гледачот. Тука е самата интеракција помеѓу делото и конзументот на делото која што сакам да ја искажам и тој поглед којшто делото го праќа кон публиката и реакцијата којашто ќе биде присутна од неа е токму оној водечки момент кој ме интригираше за да ја направам оваа изложба. Значи, самата реакција на публиката кон делото“, вели тој.

Стефан Димовски е еден од ретките творци на современиот македонски акварел. Тој од поодамна му е посветен на овој ликовен израз кој од уметникот бара брза и вешта рака, суптилен колорит, специфичен ликовен јазик и максимално познавање на техниката. Од друга страна, желбата за себенадградување го довела Димовски до потребата да експериментира со можности на акварелот и градирање на изразот со употреба на други ликовни техники, како што се колажирањето, пастелот, па и сликањето на акварел на сликарско платно со што ги проширува хоризонтите за класичното поимање и перцепција на акварелот.

Згора на тоа, како што пишува Ѓорѓиевски, акварелот како основа на делото уметникот го надградува со колажот и е во функција на взаемно надополнување во исполнување на крајната негова цел - довршеноста на делото. Во натамошната експликација тој појаснува дека фигурацијата (човекот и животинскиот свет) се темите кои уметникот ги обработува во овој циклус, а погледот, дали е тоа човечки или животински е она што нив ги поврзува. Всушност, како што заклучува, Стефан Димовски „преку своите дела говори и го слави животот и постоењето“, притоа преку бројни елементи својствени за него како автор претставувајќи ни го „сопствениот автохтон и оригинален ликовен јазик“.

„Акварелот секогаш сакам да биде присутен во моите дела, меѓутоа мојот немирен дух не ми дозволува да биде тоа само класично восприемање на оваа техника. Секогаш експериментирањето со акварелот буди интересни сензации кај мене, кои, впрочем, и не ми дозволуваат да го третирам на класичен начин. Затоа експериментот секогаш ми е синоним за тоа што сакам да го постигнам и со самото творење полека навлегувам во нова и нова фаза во акварелот“, вели Димовски.

Тој дополнува дека безмалку 90 отсто од овие дела по прв пат и ги претставува на ликовната публика. Дека останатите во одбирот се тука за да стават акцент на континуитетот во неговото творештво.

Роден 1983 година во Скопје во уметничко семејство (татко му е познатиот македонски вајар Ангел Димовски Чауш), Стефан Димовски ја имал таа среќа долг период да престојува на Азурниот Брег и во Прованса и таму да започне да ги открива тајните на акварелот. Тој на оваа техника сериозно започнал да и посветува внимание во 1995, за да потем стане учесник на повеќе групни изложби на слики и акварели во галериите на југот од Франција. Во 2010 година неговите дела ќе бидат селектирани за 11-то издание на Интернационалниот италијански каталог за модерна уметност, а веќе наредната 2011 добива награда за акварел во конкуренција од 60 сликари и акварелисти на 12-от Саем за сликари и акварелисти што се одржал во Сан Рафаел.

Истата година добива втора награда за скулптура изработена од отпад за рециклирање во организација на ПАКОМАК, а во април 2013 ќе ја реализира и првата самостојна изложба во Музеј на град Скопје. Следува и хуманитарната постановка во Ликовниот салон на НЛБ Тутунска банка во Скопје, потем и заедничката изложба со неговиот татко Ангел во Народен музеј во Велес, па самостојното претставување и перформанс во Попова кула, за да на почетокот од 2015 стане и член на ДЛУМ. Ова подразбира учества на годишните постановки на асоцијацијата како „Експериментален цртеж“, „МиниАРТура“, „Годишна изложба на ДЛУМ“, „Мал формат“... Неодамна беше еден од учесниците на 16-от Зимски салон, а неговите дела ги красат повеќе институции и приватни колекции во земјава и во странство.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG