Достапни линкови

Селективното апсење на демонстранти, протестите и контра-протестите се најкоментирани теми на нашата интернет страница.

Фактите се јасни: за последните протести во Скопје неколкумина од протестантите беа повикани на разговор во полицијата, некои добија и притвор. Од друга страна, ретко кој од осомничените во случаите што ги отвори СЈО доби мерка притвор, а и тие што добија, потоа повисок суд ги преиначи или ги укина.

Значи, „Селективната правда е неправда“, е токму насловот на нашиот текст за кој Ники, затворајќи ги очите пред очигледноста на фактите, на нашата веб-страница коментира дека Радио Слободна Европа наместо да придонесе кон слободата на дел од Европа (Република Македонија), а со тоа и на слободата на цела Европа продолжувала да бара влакно во јајцето „таму кај што нема, наместо кај себе, и тоа на Велигден“.

Нашето неделно интервју со Игор Мицевски од граѓанското движење „Протестирам“ повлекло десетици постови на веб-страницата, како и на нашата Фејсбук страница. Па Трајчо Станков порачува Движењето да не се криело зад граѓаните, зашто тие не протестирале, затоа што граѓани биле оние кои се занимавале со земјоделие, кои работеле во конфекциските работилници, во градежништвото... А протестираат „некои таканаречени професори, сите што не знаат што е физичка работа и дебело платени од надвор“ - како што напишал. Владе го поучува дека граѓани се тие што живеат во град и дека „во град нема земја за садење пиперки, патлиџани... ама има школи и факултети на кои се учи како се води држава!“ Иван Стефанов напишал дека работи по 10 часа во конфекција, „и ги одобрувам протестите‟ - вели, „и што ми можете кога седев 16 месеци и 13 дена во притвор, каде беа судиите и Претседателот да ме жалат? Кој згрешил секој да си ја плати казната, не смее да има недопирливи од законот“, постирал Иван Стефанов. Потпишан со Некој прашува каде се тие што протестираат да протестираат на празникот. Мартин Митровски одговара дека паузата била најавена два дена порано, „без кавги да ни помине празникот, а од утре пак Протсетирам...“

Има еден куп постови на Фејсбук во кои авторите обвинуваат дека во првите редови на протестите биле најситуирани граѓани, „кои не се таму зашто немаат леб да јадат, туку сакаат да станат власт без избори“ - како што напишала Роза Милошева. И пак за протестите, односно контрапротестите: Олга Стоилкова му одговара на некој Тоше: „Вие што контрапротестирате гладни како волци сте и не знаете што правите оти Грујо мајмуни ве направи, е не се сите како вас, има и луѓе што мислат со своја глава“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG