Достапни линкови

ИД ќе биде предизвик уште долго време


Директорот на ЦИА Џон Бренан изјави дека екстремистичката организација Исламска држава е феномен што ќе претставува предизвик уште долго време. Тој по повод пет годишнината од убиството на лидерот на Ал Каеда Осама бин Ладен изјави дека мора да биде отстранет и лидерот на ИД Абу Бакир ал Багдади.

Според оценката на Џон Бренан, Исламската држава била во можност да се развие, бидејќи групата имала, како што рече, „одѕив“.

„Таа ги постави нејзините корени на територија. Таа беше во можност да привлече голем број луѓе надвор од Сирија и Ирак. Десетици илјади лица патуваа за да му се придружат на самопрогласениот калифат. Затоа мислам дека имаше одѕив. За жал тоа беше примамливо за срцата, душите и размислувањата на поединците кои беа погрешно водени од својата приказна под религиозно знаме“, рече Бренан во интервју за телевизијата Ен Би Си.

Тој додаде дека во тоа помогнаа и условите во кои се најдоа Сирија и Ирак, особено нападите на сирискиот претседател Башар ал Асад против сопствените граѓани и тоа како одговор на Арапската пролет.

Ние знаеме дека Исламската држава се обидува да извршува напади во Европа и други делови на светот. Исто така, работиме многу со нашите европски партнери. Тие работат деноноќно за да ги откријат терористичките планови и тие беа успешни во запирање на извесен бројот напади во Европа.

„Ќе ја уништиме Исламската држава, немам некакво сомневање во врска со тоа. И мораме да го отстраниме раководството што и налага на таа организација да врши страшни напади“, рече Бренан, додавајќи:

„Ние знаеме дека Исламската држава се обидува да извршува напади во Европа и други делови на светот. Исто така, работиме многу со нашите европски партнери. Тие работат деноноќно за да ги откријат терористичките планови и тие беа успешни во запирање на извесен бројот напади во Европа. Постојат работи кои се во тек на кои работиме со нив за спречување на вакви напади“, вели тој.

Бренан оцени дека заробувањето или убивањето на лидерот Абу Бакир ал Багдади ќе има големо влијание врз Исламската држава.

Според него, убиството на лидерот на Ал Каеда Осама бин Ладен на 2 мај 2011 година придонесе за намалување на моќта на таа терористичка организација.

„Уништивме голем дел од Ал Каеда, но таа се уште не е целосно елиминирана“, изјави Бренан, додавајќи дека сега светот се соочува со нов феномен, Исламската држава.

Тој се осврна и врз доверливиот извештај на американскиот Конгрес за терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Интересот за овој документ од 28 страници се зголеми откако затворениот поранешен оперативец на Ал Каеда Закаријас Мусасуи во транскриптите објавени деновиве наведува дека десетина познати личности од Саудиска Арабија донирале пари за Ал Каеда во текот на деведесетите години.

Тоа веднаш беше демантирано од саудиските власти. Директорот на ЦИА Џон Бренан изјави дека изнесените информации не се проверени или потврдени.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG