Достапни линкови

logo-print

Судири и солзавец во Истанбул на првомајските протести


Архивска фотографија

Архивска фотографија

Турската полиција употреби солзавец врз група демонстранти кои денеска се обидоа да се пробијат до плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, иако властите забранија одбележување на Меѓународниот ден на трудот. Повеќе стотици демонстранти се обидоа да се пробијат до Таксим, по што избија судири со полицијата. Телевизијата Си-Ен-Ен Турк прикажа снимки како полицајци внесуваат неколку уапсени демонстранти во полициски автобус. Локалните власти се договорија со неколку синдикати прославата на 1 Мај да се одржи на специјално одреден простор во населбата Бакиркој, во близина на истанбулскиот аеродром, а не во центарот на градот.

Канцеларијата на градоначалникот на Истанбул соопшти дека „со цел да се гарантира безбедноста на граѓаните“ за првомајскиот празник, на должност во градот ќе бидат 24.500 припадници на турските безбедносни сили.

Метро станицата на главниот плоштад Таксим ќе биде целосно затворена, а долж улиците се поставени метални огради, а распоредени се и десетици полицајци во опрема за разбивање на протести.

Плоштадот Таксим е место на судири за време на Меѓународниот ден на трудот откако на 1 мај 1977 година беа убиени 36 луѓе, а 130 повредени, во време кога модерна Турција минуваше низ еден од своите најтурбулентни периоди.

XS
SM
MD
LG