Достапни линкови

Мицевски - Пропонентите на власта шират магла за протестите


Нема имагинарни непријатели, нема никакви задни намери во овој протест, освен чесните намери од оваа држава и од ова општество да се направат здрави структури коишто можат слободно и нормално да се развиваат, вели Игор Мицевски од движењето Протестирам во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Мицевски, деновиве дел од медиумите интензивно ве прозиваат да се декларирате, кој е всушност Протестирам, обвинувајќи дека се криете поради одговорноста за евентуалните инциденти. Што е всушност Протестирам, кој сè е таму?

Протестирам претставува една хоризонтална структура на слободни граѓани, ослободени граѓани, коишто решиле да застанат во одбрана на основните принципи на демократијата и тоа произлегува и од принципите коишто хоризонтално беа дискутирани и договорени да бидат промовирани. Принципите се следниве: движењето се обединува против авторитарниот режим на Никола Груевски, движењето стои зад принципите на немонополизација, односно дека никој нема право на негов монопол поради тоа што тоа е движење на граѓаните за демократизација и третиот, исто така многу битен принцип е принципот на ненасилство. Така што, кога зборуваме за Протестирам, зборуваме за сите граѓани кои секој ден во шест се собираат да протестираат во одбрана на овие принципи и уште повеќе, сите што веруваат во тие принципи се добредојдени да се појават на протестите. Околу моментот со криењето зад нешто, Протестирам не се крие зад ништо, односно луѓето што излегуваат на протести не се кријат зад нешто, еве ќе видите, никој не се појавува со маски на протестите, туку сите одат таму со својот индивидуален идентитет, со својот лик и име и презиме и напротив, не се кријат, туку преземаат одговорност за општествените проблеми. Она што не им е јасно на пропонентите на режимот е како наеднаш оваа група граѓани или овие неформални групи граѓани, обединети под Протестирам, застанаа заедно зад овие принципи, а јас овде само можам да кажам дека застанувањето зад принципите е всушност воспоставено чувство кај сите овие граѓани дека можат и мораат да кажат нешто за да ја променат политичката ситуација во којашто се наоѓаме.

Во медиумите деновиве беа објавени текстови со имиња на луѓе, адреси, дури и телефонски броеви за кои се тврди дека се дел од движењето Протестирам и се тврди дека членови на движењето земаат милионски суми од странски извори. Точни ли се овие тврдења? Како се финансира движењето Протестирам?

Ова што вие го кажувате и јас го читам во јавните настапи на пропонентите на режимот и можам само да кажам дека тоа се глупости на пропонентите на режимот, коишто шират говор на омраза, страв и шират теории на заговор за коишто веруваат дека сè уште поминуваат кај граѓаните, меѓутоа сведоци сме на тоа дека тие повеќе не поминуваат. Ако постојано повторувате еден аргумент, којшто практично е квази-аргумент, којшто нема никаква основа во стварноста, луѓето наеднаш луѓето сфаќаат дека ширите магла. Не аргументирате што навистина се случува на улиците и што се случува во политичката стварност. Овие луѓе коишто ги шират тие теории на заговор, ја шират омразата и стравот меѓу медиумската публика и граѓаните, попрво би ги узурпирале индивидуалните права за сметка на некои имагинарни непријатели коишто ги конструирале и коишто мислат дека се постоечки. Нема имагинарни непријатели, нема никакви задни намери во овој протест, освен чесните намери од оваа држава и од ова општество да се направат здрави структури коишто можат слободно и нормално да се развиваат.

Целото интервју со граѓанскиот активист Игор Мицевски од движењето Протестирам може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG