Достапни линкови

Неделен печат - Шарена револуција или црни сценарија


Протестите, контра-протестите и политичката криза се главна тема во сите македонски неделници.

Глобус - Порој мали реки

Можеби малцина сте, ама малите реки повеќе се вредни од облаци безводни. Кучката не лаеше за да го брани селото, туку за да си го варди својот газ.
Глобус

За „Порој мали реки“ пишува редовниот колумнист во рубриката „Таленти“ во најновото он-лајн издание на неделникот Глобус. Па почнува со потсетување на две народни мудрости запишани пред два века од нашиот Марко Цепенков. „Можеби малцина сте, ама малите реки повеќе се вредни од облаци безводни. Кучката не лаеше за да го брани селото, туку за да си го варди својот газ“, гласат народните умни зборови за кои авторот вели како да се пишувани денес, за протестите, контра-протестите и диктатурата која со наводната „преродба“ успеала далеку назад да ја врати Македонија. „Далеку, многу далеку сме назад“ - забележува Глобус, за да напише: „Многу поважно од тоа е до која безвиделина е подготвена диктатурата да ја враќа Македонија, само ‛за својот газ‛. Тргнаа ‛малите реки‛, стануваат порој кој не може да се сопре со сила, закани и апсења. Наспроти поројот се јалови облаци на контра-протестите, со кои диктатурата сака да го закрви, да го дели народот – за да се одбрани народот. А, делбите се зло кое секогаш води кон небиднина“ - по малку десператно пишува авторот на колумната во Глобус.

Република - Црното сценарио се прикрива со шарени лаги

За Република, „Црното сценарио се прикрива со шарени лаги“, како што гласи и насловот на воведната колумна во неделникот. „Македонија ќе излезе драстично променета од кризата“ - вели колумнистот, а прашање било дали народот ќе успее да си ја зачува државата во постојните граници, со сегашното име, устав и систем, или ќе ја предадела во рацете на квинслинзите, кои по преземањето на власта ќе почнеле да ја парчосуваат и раздаваат секому според заслуженото при нејзиното разнебитување. Неделникот заклучува дека кризата била скапо платена игранка која е долго подготвувана и која немала врска ниту со спонтан излив на граѓаните ниту со некаква искрена граѓанска цел.

Фокус - Протестијада зачинета со Чавкијада

„Протестијада зачинета со Чавкијада“ е насловена воведната колумна во Фокус. „‛Протестијадата‛ инспирирана од Иванов, предизвика ‛Чавкијада 2016‛ која се одвива под мотото ‛Глупоста нема граници‛“ - објаснува неделникот, па додава дека „Главниот лик, кој се одзива на името Митко Чавков, ги гони тие што протестираат затоа што МЕГА криминалците се помилувани. Уф, не протестирале само, туку и фрлале боја и јајца врз градежните креатури на пастирот. А тоа било ‛учество во толпа што ќе изврши кривично дело‛, што е многу пострашно од ‛учество во партиска толпа на власт што врши серија кривични дела‛ со што Чавков практично докторираше на темата ‛Улогата на чавките од МВРО во стимулирање на криминалот‛‟ - со доза на иронија констатира Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG