Достапни линкови

logo-print

Економијата во грч поради политичката криза


Ако политичката криза не се надмине час поскоро последиците по економијата може да бидат уште подлабоки и да се одразат на подолг рок.

Пониска продуктивност, компании во грч, откажани соработки со странски партнери. Ако политичката криза не се надмине час поскоро последиците по економијата може да бидат уште подлабоки и да се одразат на подолг рок. Нема магично решение за брзо надминување на проблемите, но самиот почеток на решавање на состојбите би дал позитивен сигнал, велат упатените.

Во спротивно, очекувањата се дека ќе има поголеми и поголеми негативни последици, затоа што еднаш веќе откажани договори не се повторуваат лесно поради несигурноста во македонската иднина, тоа е еден сериозен проблем.

Професор Марија Зарезанкова Потевска вели дека ако кризата продолжи, последиците може да бидат подлабоки.

„Доколку се среди политичката состојба сега, би можело на еден пократок рок да се подобрат состојбите, во смисла на тоа да се врати довербата кај партнерите од странство. Во спротивно, очекувањата се дека ќе има поголеми и поголеми негативни последици, затоа што еднаш веќе откажани договори не се повторуваат лесно поради несигурноста во македонската иднина, тоа е еден сериозен проблем“, вели таа.

Бизнисменот Венко Глигоров вели дека секоја криза негативно влијае на бизнисот. Додава дека кризата во Македонија е повеќеслојна - од една страна влијаат кризните трендови во светот, но од друга страна на бизнисот влијае немањето владеење на правото, неефикасната администрација, спорната слободна економија и како капак на сè дојдоа и протестите и контра-протестите.

„Премногу е исполитизирано, луѓето не зборуваат меѓу себе, продуктивноста на луѓето е послаба, а сето тоа влијае на продуктивноста на компаниите, на ефикасноста и се разбира на нивните планови за развој. Краткорочно е многу лошо, и среднорочно ќе биде исто така лошо ако брзо не се најде решение и притоа решението не е едно и единствено, туку треба да се наоѓаат решенија - прво за судството, па за медиумите, па сите оние работи што, да кажеме, извештајот на Прибе ги бара од нашата влада и од нашето општество. Да не се бара некое магично решение, треба етапно да се работи, можеби ќе треба една или две години за полека Македонија да се стабилизира на политички план, а со тоа и на економски план“, вели тој.

Минатата недела и Стопанската комора на Македонија изрази голема загриженост за тоа, како актуелните состојби во државата ќе се одразат врз стопанството. Поголем дел од нејзините членки во најновото анкетно истражување посочиле дека имаат конкретни најави од своите дологодишни деловни партнери за откажување на веќе воспоставените договори за соработка и ако тоа навистина се случи, како што навеле, може значително да влијае врз производниот процес, бројот на вработени и нивната ликвидност.

„Веќе имаме примери од компании на кои во контакти со странски партнери им е наведено дека како земја сме окарактеризирани како ризично подрачје и затоа кај странските партнери, независно дали се од ЕУ или од нашето поблиско опкружување, се јавува резервираност во соработката поради постоење ризик од ненавремена испорака на производи и услуги или неможност за реализирање на планираниот извоз поради ненавремено снабдување со потребните суровини кои се увезуваат“, наведува Стопанската комора во писмената оценка и додава дека ова би можело во голема мера да влијае на нашата надворешно-трговска размена со земјите од ЕУ.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, пак, минатата недела рече дека да немало политичка криза, економскиот раст годинава ќе бил меѓу 4 и 5 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG