Достапни линкови

logo-print

Урната култната Бела фонтана во Битола


Советниците од опозицискиот СДСМ реагираа дека култната фонтана е срамната со земја без јавна расправа. Градоначалникот Талески вели дека фонтаната била дотрајана и оти не можела да се поправи.

Со булдожери беше урната Белата фонтана во Битола, едно од култните места каде младите се собираа во вечерните часови и со спрејови по ѕидовите како пароли ги испишуваа своите мисли. Фонтаната се простираше пред битолскиот Завод и музеј како симбол на градот останат од времето на социјализмот. Иако повеќе пати изминатите години беше руинирана, младите ја доживуваа како слободно катче каде без спреги можеа да ги изнесат своите мислења. Од општина Битола соопштија дека просторот ќе го уредат во парк.

Белата фонтана, уште еден од симболите на Битола, без јавна расправа, самоволно, без одлука на матичните комисии и без одлука на Советот се руши.

Но, уривањето на фонтаната ги разбранува и политичките духови во Битола. Советниците од опозицискиот СДСМ реагираа дека култната фонтана е срамната со земја без јавна расправа.

„Белата фонтана, уште еден од симболите на Битола, без јавна расправа, самоволно, без одлука на матичните комисии и без одлука на Советот се руши. На самата локација,спротивно на законските одредби, нема табла со идејно решение, ниту пак бројче за одобрение на градба. Информација за случувањата со Белата фонтана немаат ни советниците. На нашите официјални барања што се случува со фонтаната, официјално ни беше одговорено да се обратиме писмено користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, вели Благојче Котевски, советник од СДСМ.

Од Општина Битола соопштија дека преземаат активности за уредување и одржување на просторот зашто фонтаната била шуплива и можела да повреди некого. За активностите велат дека добиле дозвола од службите за заштита на културното наследство.

„Таму подолг период сакавме да интервенираме, имавме многу забелешки, сугестии, поплаки од граѓани. Таа фонтана долги години беше таму и го разбирам тоа, но не можеше да се најде чаре. Кога се обидовме истата фонтана да ја реконструираме, пуштивме неколку стручни луѓе, се покажа дека тоа е шуплив материјал, кој се распаѓа, се рони. Лудо како не настрадал некој досега. Рековме, кога тоа веќе мора да се трга, зашто статички нестабилна е фонтаната, одлучивме да направиме нов проект“, вели градоначалникот Владимир Талески.

Тој додава дека ова се само подготвителни активности, а изградбата допрва ќе следи.

„Проектот не е почнат да се гради, сето ова што го правиме е подготовка за работа. Ќе се израмни тлото, ќе се направи преубаво место. Го видов проектот, ќе биде паркче за одмор како што го имаме во централното градско подрачје, но колку што дозволува тој простор. Тоа е дел од нашата програма, а ние ветивме дека ќе го реконструираме и ќе изградиме нешто ново“, рече Талески.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG