Достапни линкови

logo-print

Застреланиот Крпач бил сведок на СЈО, а не осомничен


Капиштец, зградата во која беше пронајдено мртвото тело на Коста Крпач.

Капиштец, зградата во која беше пронајдено мртвото тело на Коста Крпач.

Коста Крпач, кој вчера беше пронајден застрелан во неговиот дом, доброволно се јавил во Специјалното обвинителството и имал својство на сведок во предистражна постапка, информира СЈО.

По прибирање на сите извештаи и релевантни податоци и информации за смртта на Коста Крпач ќе ја известиме во детали јавноста за случајот, велат од Јавното обвинителство, а до тогаш, според нив, секоја евентуална информација која е од непроверен извор претставува шпекулација. Обдукцијата на телото сè уште не е завршена, наведуваат од Јавното обвинителство и затоа сè уште не може да се даде било каква проценка за околностите под кои настапила смртта. Од МВР велат дека се чека на јавното обвинителство по што ќе излезат со информации за случајот.

Телото на Крпач беше вчера пронајдено во стан во Капиштец со прострелна рана во градите. На тоа претходеле пукотници во близина на АМСМ, а истрели завршиле и во комбе паркирано на улицата. Сè уште нема информации дали во комбето било пукано намерно. Крпач, кој е директор на фирмата Финзи што го поседува веб порталот Нетпрес е на списокот на помилувани лица од претседателот Ѓорѓе Иванов заедно со Владислав Стајковиќ и Христијан Панев. Неговата фирма се поврзува со една од таканаречените бомби објавени од опозицијата за набавката на израелската опрема за прислушување.

„Треба да се почека да се спроведе детална истрага и се надевам дека истрагата ќе биде објективна и врз основа на сигурни и цврсти информации и докази тогаш да се видат мотивите за овој несреќен случај“, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

Медиумите веќе излегоа со информации дека се работи за самоубиство, а оние кои важат за провладини и со низа шпекулации за причината за самоубиството на Крпач. Според нив, тој посегнал по својот живот како последица на трауми и малтретирања од постапка која ја води Специјалното јавно обвинителство за него.

Од Специјалното јавно обвинителство демантираат дека правеле каков било притисок врз Крпач. Според нив, тој доброволно се јавил во обвинителството и имал својство на сведок во предистражна постапка. Од обвинителството наведуваат дека поседуваат докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓал Крпач, но со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, истакнуваат дека истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент. Информираат и дека Специјалното обвинителство не водело кривична постапка против Крпач и истиот никогаш немал својство на осомничено лице. Од тие причини од СЈО велат дека се уште не им е јасна одлуката зошто Иванов го помилувал Крпач. Од СЈО апелираат и до медиумите да се воздржат од објавувањето на тенденциозни натписи и непроверени информации.

Трајанов додава дека сите информации кои се појавуваат во медиумите за политичка дискредитација се класични спинови и не треба да се користат во вакви случаи и таквото однесување на оние кои стојат зад шпекулациите е крајно неодговорно и неприфатливо.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG