Достапни линкови

Киров – Танчерот не треба да биде само класичен играч


Балетскиот уметник Игор Киров, по успешното деби со „14 часа“, во чест на Светскиот ден на танцот – 29 април, на сцената на Македонската опера и балет се врати со нова претстава - „Црвената соба“. Станува збор за модерен балет работен според Шубертовиот гудачки квартет бр. 14, по либрето на драматургот Сашо Димоски, и за проект во кој сценограф е Марија Ветероска, костимограф Александар Ношпал, а настапуваат првенците Александра Мијалкова, Васил Чичиашвили, Мими Поп Алексова Атанасовска, Марија Кичевска Шокаровска, Бобан Ковачевски, Ивана Коцевска, Саша Евтимова и други. Наедно кореографот и танчер е добитник на наградата „Виртуози“ на СОКОМ за меѓународна афирмација.

Игор Киров, во својот нов проект во МОБ - „Црвената соба“, се решил да посегне по познатото дело на Франц Шуберт – Смртта и девојката“ или Гудачки квартет бр. 14, последното нешто што австрискиот романтичар го напишал пред својата смрт во 1828 година. Вели дека е тоа музиката што отсекогаш го инспирирала и на која сакал да направи одредена кореографија. Се решил да креира нешто естетски и музички поразлично од „14 часа“. Сакал да експериментира и да и го доближи западноевропскиот начин на работа на домашната публика. Едно ново видување, нова боја преполна со емоции и енергија.

Со оваа претстава и со „14 часа“, не затоа што се мои претстави, туку затоа што се работени на некој западноевропски стил и начин што јас го практикувам, ние можеме да се вброиме во редот на светските компании.

„Со оваа претстава и со „14 часа“, не затоа што се мои претстави, туку затоа што се работени на некој западноевропски стил и начин што јас го практикувам, ние можеме да се вброиме во редот на светските компании. Нормално, си имаме и свои слабости, доблести, добри нешта и не помалку добри, но кога сето тоа еден кореограф ќе знае да го поврзе и ќе направи да изгледа убаво на сцена, независно дали сум јас или некој друг, може да биде фантастично. Тоа се покажа прво со „14 часа“ и еве сега по втор пат и со „Црвената соба“. Целиот ансамбл е не за едно, туку за три нивоа погоре“, вели тој.

Киров дополнува дека на Националниот балет му недостасуваат уште неколкумина балетани кои би биле модерно ориентирани во својот израз. Истакнува дека секоја ваква национална институција мора да се потпира на „железниот репертоар“, дека е тоа „нешто што мора да се работи“, но дека покрај него, по угледот на западните балетски куќи, треба на репертоарот да постојат и современи и модерни дела.

„Еден танчер не треба да е само класичен играч. Убавината на еден играч е кога ќе може да се претставува во неколку стила – и во модерен , во современ балет и во класика. Барем јас така сум научен и така ја направив мојата кариера. Било кој кореограф каде и да работев можеше да ме искористи во било кој стил“, вели Киров.

Инаку, по Кина, Кореја, Европа и Америка, по цели две децении на сцена, Игор Киров конечно ја доби и првата награда во родната Македонија - „Виртуози“ за меѓународна афирмација на СОКОМ. Во образложението за наградата ќе биде забележано дека тој е „најистакнатиот македонски танчар и кореограф, единствен по своите уметнички креации, упорен, работлив, но и прекрасна личност со неуморлив дух, ентузијазам и динамичко-магнетски темперамент“.

„Со или без награда, јас работам, работев и ќе работам за да го репрезентирам македонскиот балет во и надвор од државата. Мене ми е драго што по 20 години творештво некој сепак се сети да ме награди за тоа што го правам. А, досега мислам дека имам направено доста на македонската сцена и за македонскиот балет“, вели тој.

Минатата година, македонскиот балетски уметник уште еднаш ја потврди својата доминација на меѓународната сцена, постојано трагајќи по нова естетика, насоки и правци. Неговите креации „5 до 12“, „Дневникот на Нижински“, „If I Can“, „Stories“ беа поставени на театарските сцени во Хрватска, Франција, Германија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, каде редовно беа примени со воодушевување и испраќани со овации. Своето познавање за танцовата уметност, Киров го пренесуваше на танцовите академии во Белград, Минхен и Токио и на тој начин придонесувајќи токму кон меѓународна афирмација на македонскиот балет.

Од таму, интересно е тоа што веднаш по премиерата на „Црвената соба“ тој патува во Сплит, каде патем во овие три години е домаќин-кореограф во ХНК. Потоа се враќа во Германија каде што живее и работи за да прави мала кореографија во Државниот театар во Дрезден. Летово ќе ја потпише и кореографијата за „Охридска легенда“ во матичната куќа во Хрватска, претстава за која се ангажирани и неколкумина други македонски уметници како Ношпал, Ветероска и композиторот и кларинетист Горан Бојчевски. Ќе работи и во Белград, во Сараево и, како што знае да каже, „до крајот на 2016 и почетокот на 2017 година јас сум комплетно распродаден“.

„За сега мене ми е убаво да се враќам во Македонија, да го давам своето знаење, но мислам дека ќе треба уште некое време да помине за да се стабилизираат работите овде во земјава за да би размислувал да правам сопствена компанија тука. Мислам дека е многу подобро вака да функционирам отколку да се вратам целосно и да се затворам и блокирам во тоа што ќе го има околу мене“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG