Достапни линкови

Шарената револуција ги обои плакатите на Груевски и на Иванов


Измачкани со боја портретите на Груевски и Иванов
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00

Измачкани со боја портретите на Груевски и Иванов

Демонстрантите на Шарената револуција го завршија 14-от ден од протестот пред зградата на Владата каде дел од нив ги обоија плакатите на Груевски и на Иванов.

Демонстрантите пред зградата на Владата поставија два плакати, едниот со ликот на Никола Груевски на кој пишуваше „Мафија“ и вториот со ликот на претседателот Ѓорге Иванов на кој пишуваше „Аболиција“. Дел од нив потоа врз двата плакати фрлија бои, како и во претходните денови кога беа обоени барокните фасада на дел од министерствата и други институции.

Оваа Шарена револуција ќе ја паметиме и ќе биде нешто со што ќе се гордееме и ќе го прераскажувам на нашите деца.
Стефан Богоев, СДСМ

Претходно пред Собранието граѓаните положија цвеќе пред споменикот на претседателот на Крушевската република Никола Карев, по повод 111-годишнината од неговата смрт. Таму се одржаа и говори на активисти, политичари и други граѓани.

Пратеникот од СДСМ Стефан Богоев порача дека Шарената револуција е најдобриот одговор на режимското сивило кое владее десет години.

„Оваа Шарена револуција ќе ја паметиме и ќе биде нешто со што ќе се гордееме и ќе го прераскажувам на нашите деца. Ќе кажеме: Да, и јас бев еден од тие што се бореа против режимот. Доста беше молк! Јас и мојата генерација не сакаме да живееме во држава во која студентите живеат со лебарки во студентски домови. Сакаме држава каде Уставот и законите важат еднакво за сите. Јас и мојата генерација сакаме промени бидејќи сме сигурни дека ова е единствениот начин да се избориме за многу промени“, рече Богоев.

Демонстрантите со себе носеа транспаренти на кои пишуваше „Грујо отчет пред судот“.

Кога поминуваа пред канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов, тие извикуваа „Оставка“.

Движењето Протестирам и нивните поддржувачи протестираат по одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов да помилува 56 политичари и нивни соработници.

Движењето Протестирам најави дека протестите денеска продолжуваат во рекорден број градови – девет, ширум Македонија. Освен во Скопје, за вечерва најавени беа протести и во Велес, Охрид, Кичево, Кавадарци, Битола, Прилеп, Радовиш и Струмица.

„Македонија е на нозе, се гледаме на улиците!“, стоеше во најавата на движењето Протестирам.

Демонстрантите бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и е покренато обвинение од Специјалното обвинителство. Се бара итна и неотповиклива оставка на Иванов од функцијата претседател на Република Македонија, произнесување на Уставниот суд за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, како и формирање на специјално одделение во Кривичниот суд за случаите на СЈО.

Дел до барањата исто така се и итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, додека не се формира преодна Влада која ќе ги имплементира реформските приоритети од Извештајот на Прибе.

Сè до исполнување на овие барања, според најавите, протестите нема да стивнат.

Во Скопје традиционално протестите од 18 часот почнуваат кај просториите на Специјалното јавно обвинителство. Струмичани започнаа да протестираат од пред стара полиција, а кавадарчани протестираа од Катастарот. Во Битола граѓаните тргнаа од плоштадот „Магнолија“, прилепчани од кај Камената бина, а радовишани од плоштадот во градот.

Граѓанската иницијатива протестите ги започна на 12 април откако претседателот Иванов помилуваше политичари за кривични дела поврзани со актуелната политичка криза.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG