Достапни линкови

logo-print

„Шарените“ песни на Јовица Ивановски


Јовица Ивановски, поет

Јовица Ивановски, поет

„Морето ми е до колена“ е насловена новата поетска објава на Јовица Ивановски, која како издание на „Табернакул“ се појави деновиве. Станува збор за негова 11-та стихозбирка, за која рецензентот Душко Крстевски ќе забележи дека содржи „супер песни кои пленат со својата оригиналност и едноставност, но едноставност во една чеховска смисла на зборот, едноставност која произлегува од веќе совладаното мајсторство на пишување и животно искуство“.

ОДИМЕ ДО КРАЈ

Не само интелектуалците, туку и сите граѓани кои се некаде помеѓу и кои се колебаат треба да излезат и да го кажат своето мислење. Едноставно не треба во овој период да се седи дома. Да се квачи дома. Сите луѓе кои барем малку размислуваат, треба да излезат, да им се придружат на протестите и на оваа Шарена револуција.

Секој ден е совршен за протести.

Неправдата мора да се сотре.
И да врне и да вее,
на четириесет под сенка
и на минус десет на сонце...
Временските услови нека им ги пореметат
плановите на излетниците и на сите
кои отишле да се дружат со морето.
Секој ден е совршен за протести,
сите ние мораме гласно да му
кажеме НЕ на криминалот.
Протестите не смеат да запрат,
особено не во овие (речиси летни)
априлски вечери, што иднината
ќе ги запамети како
Скопска пролет.

16.04.2016.

Поетот Јовица Ивановски знае да каже дека песната „Одиме до крај“ ја напишал пред движењето да се нарече Шарена револуција и дека токму поради тоа завршува со Скопска пролет. Вели дека на тој начин едноставно го кажува својот став, своето мислење дека гласно треба да му се каже НЕ! на ова што ни се случува во нашава татковина.

„Не само интелектуалците, туку и сите граѓани кои се некаде помеѓу и кои се колебаат треба да излезат и да го кажат своето мислење. Едноставно не треба во овој период да се седи дома. Да се квачи дома. Сите луѓе кои барем малку размислуваат, треба да излезат, да им се придружат на протестите и на оваа Шарена револуција. Нека се облечат шарено, нека понесат со себе свирчиња и нека го кажат своето силно НЕ во врска со ова што нам сега ни се случува во Македонија“, вели поетот.

Во рецензијата за „Морето ми е до колена“, Душко Крстевски меѓу другото ќе забележи дека „во последнава поетска збирка на Јовица Ивановски има супер песни кои пленат со својата оригиналност и едноставност, но едноставност во една чеховска смисла на зборот, едноставност која произлегува од веќе совладаното мајсторство на пишување и животно искуство. Песни кои се ненаметливи и ненакитени, богати со онаа убавина со кое сировото станува избрусено парче уметност. А тоа е сепак најважниот поетски идеал“.

Книгата се појавува по само една година од обелоденувањето на „Киноутро“, но Ивановски вели дека претходно помеѓу оваа стихозбирка и „Со сламка во уста“ имал меѓупростор, пауза од безмалку четири години, при што на двапати „бил откачуван“ од конкурсите на Министерство за култура. Дополнува дека песните за неа се напишани главно во последнава година и дека кога би говорел за насловот на стихозбирката, неговото појаснување би се свело на тоа дека „рамно му е сè“ и затоа „морето му е до колена кога мисли дека е најголем на цел свет и кога е помал од мало дете“.

„Јас како прво не сакам пренагласено поетски и философски наслови. Затоа повеќето книги ми се со такви, со едноставни наслови како „Со сламка во уста“, „Ветер и магла“... Сакам да го кажам она што го мислам и потоа да кажам НЕ. Потоа да се повијам. Не си придавам преголема важност на себе како автор. Преголемо значење. Не се удирам во гради. Едноставно не сакам да се експонирам, нити да се појавувам многу во јавноста. Не се рекламирам. Во таа смисла ме заболе за мене, а инаку и тоа како ме боли за она што се случува во светот и посебно околу мене“, вели тој.

Од друга страна, во песната „Турски серии“ од март годинава, Ивановски пишува: „Поезијата никогаш не била подостапна, и никогаш полоша“. Вели дека на времето поезијата беше достапна само во книжевни списанија, а дека сега ја има насекаде. На секој ѕид од профилите на неговите фејсбук пријатели и дека има сè и сешто. Истакнува дека наоѓа по нешто добро, но дека повеќето му е излитено, банално и веќе видено.

„Не давајќи си себе си некое значење, не мислејќи дека сум нешто посебно и дека другите го препознаваат тоа кај мене, сепак велам дека ова беше едно мое видување во одреден момент. Дека поезијата никогаш не била подостапна, дека ја има премногу и доколку човек одвои време и има желба да го чита тоа, таа сенештарница, таа збирштина, има и автори кои отскокнуваат, што мене лично ме радува, но повеќето се барем за мене недопадливи“, вели тој.

Паралелно со скопската промоција на стихозбирката „Морето ми е до колена“, оваа среда на 27 април, во Мексико Сити се одржа омаж посветен на творештвото на Јовица Ивановски. Станува збор за фестивал на кој поезијата на македонскиот автор ја читаа познати мексикански поети и актери и настан што како организатор го потпиша еден млад тамошен книжевник и негов фан.

Инаку, некаде на крајот на мај или почетокот на јуни годинава, Јовица Ивановски за „Темплум“ ќе ја објави тематската стихозбирка „Градот што веќе не е мој“ посветена на проектот „Скопје 2014“ и она што нему не му се допаѓа и на она што нам ни се случува во последно време.

И, колку за потсетување: Роден 1961 година во Скопје, Јовица Ивановски е автор и на книгите: „Зошто мене ваков џигер“ (1995), „Градот е полн со тебе“ (1997), „Чуден некој сончев ден“ (1999), „Три напред, три назад“ (2004), „Двоен албум“ - двокнига составена од циклусите „Сладолед во недоглед“ и „Во сенката на билбордот“ (2005), „Стремеж за дремеж“ (2007), „Ветер и магла“ (2009), „Со сламка во уста“ (2011), „Киноутро“ (2015) „Open The Window And Let the Кyti Breath a Little“ - избор на англиски јазик, „Избрани песни“ - избор на македонски и англиски (2002), „Деновиве ако не и утре“ - избор на македонски и англиски (2009).

Тој е еден од творците во двојазичното издание „Шест македонски поети“ објавено во 2011 во Велика Британија, препејуван е на десеттина светски јазици и застапен е во неколку антологии на македонската поезија.

Конечно се уште живее, работи, пишува и протестира на улиците на родниот град.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG