Достапни линкови

Започнува селектирање отпад во Куманово


Садовите првин ќе бидат поставувани во централното градско подрачје, за потоа да се рашират и на периферијата и во руралните средини.

Куманово започна со реализација на проектот за селективен отпад, кој опфаќа поставување садови и едукација на основците. Садовите првин ќе бидат поставувани во централното градско подрачје, за потоа да се рашират и на периферијата и во руралните средини. За прераснување на градот во еколошки чист и модерен, освен едукација за подигање на свеста кај граѓаните, од досегашната пракса се чини неминовно е и санкционирање, макар и со укажување и опомена на несовесните.

Суштината на трипартитниот договор е прво да ги намалиме количините на отпад, бидејќи со негово селектирање добиваме прво заштита на животната средина со враќање на суровините во употреба, а се намалува и габаритот на отпадот, со што се зачувува животната средина.

Градоначалникот Зоран Дамјановски со локалното јавно претпријатие „Чистота и зеленило“ во соработка со приватната фирма „Пако-Мак“ од Скопје избрана преку јавен повик, ја презеде обврската за справување со отпадот. Дамјановски вели дека подолг период Куманово се соочува со проблемот со диви депонии, за што се преземаат мерки за депонирање на регионален отпад,

„Суштината на трипартитниот договор е прво да ги намалиме количините на отпад, бидејќи со негово селектирање добиваме прво заштита на животната средина со враќање на суровините во употреба, а се намалува и габаритот на отпадот, со што се зачувува животната средина“, вели тој.

Тој појаснува дека „Пако-Мак“ е фирма која за оваа намена е лиценцирана од државата и веќе работи на собирање најразновидни амбалажи. Со тоа и Куманово влегува во групата на 20-ина градови кои веќе имаат таква стратегија.

„Куманово е Општина која годишно има вкупно околу 50-ина илјади тони отпад, од кои по наша проценка десетина илјади тони е амбалажен отпад. Тоа количество секако во првата година нема да можеме да го селектираме, но во следните четири години се надеваме дека голем дел од тој отпад ќе заврши на рециклирање, а не на депонија, во соработка со комуналното претпријатие. На овој начин претпријатието ќе им овозможи на граѓаните да го селектираат отпадот и да придонесат за екологијата на градот, а од друга страна и претпријатието ќе си оствари добивка од продажба на материјалот што ќе го собере“, вели Филип Ивановски од „Пако-Мак“ и додава дека за поуспешна реализација на проектот ќе биде спроведена и кампања за едукација на граѓаните како да го селектираат отпадот и да не се оштетуваат контејнерите.

Сашо Петрушевски, директор на ЈП „Чистота“, смета дека Куманово, како најголема Општина во државава, постојано се соочува со големи количества отпад.

„Ова ќе биде олеснување за ЈП „Чистота“ во однос на оперативните задачи. Имаме нови 60 контејнери во централното градско, што беше голем проблем, сега со селективно собирање на отпадот ќе биде бенефит за граѓаните. Сите активности оперативно ќе бидат извршувани од претпријатието, до лицитацијата при што бенефитот ќе биде на претпријатието“, вели тој.

Со оглед на досегашната пракса кога дел од несовесните граѓани кои делумно или целосно ги оштетуваат садовите за смет, неизвесно е и колку ќе почитуваат селектирање на отпадот, градоначалникот Дамјановски вели дека за тоа законски се предвидени комунални редари кои треба да набљудуваат и да санкционираат. Меѓутоа тој дел од службата не е доволен за заштита на градот во овој опсег. Се планира зајакнување на комуналната полиција.

„И на некој начин како во секоја цивилизирана демократска земја каде што комуналниот ред е поважен од јавниот, бидејќи таму овие работи се регулирани, се надевам дека со усилби на администрацијата која и го иницираше надминувањето на проблемот со отпад“, вели тој.

Според Дамјановски, и покрај сите настојувања граѓаните на несоодветни места да не депонираат цврст отпад, шут и останато, нема резултати, затоа апелира до граѓаните со отпадот да се однесуваат одговорно.

За почеток ќе бидат поставени 40 садови за селективен отпад, како и за дел од угостителските објекти садови за складирање стакло, кое што за сега освен пластика и хартија никој не го собира. За период од четири години „Пако-Мак“ ќе настојува да обезбеди садови за селективен отпад на сите локации каде што веќе се поставени контејнери.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG