Достапни линкови

Нема правда - има боја за Министерството за правда


Шарената револуција ја обои Македонија. Анти-владини протести вечерва се одржаа во Скопје, Тетово, Струмица, Велес, Прилеп. Протестите во Скопје резултираа со обоени фасади на Министерството за правда и Народната канцеларија на претседателот Иванов во центарот на градот. Демонстрантите запалија и неколку испечатени фотографии на Иванов.

Во знак на солидарност со притворениот член на партијата „Левица“ Здравко Савески вечерва беа запалени неколку фотографии на претседателот Ѓорѓе Иванов пред неговата Народна канцеларија во центарот на Скопје. Неколку илјади демонстранти со балони со бои ги оставија траги на фасадите на Министерството за правда и Народната Канцеларија на Иванов од таканаречената „Шарена револуција.“

Движењето „Протестирам“ и неговите поддржувачи во Скопје веќе 13-ти ден протестираат по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за колективна аболиција на 56 функционери и нивни соработници кои се поврзани со изборен криминал, злоупотреба на службена должност, проневера на државни пари и со аферата прислушување и по настојувањето на власта за избори на 5 јуни.

Пред Владата демонстрантите извикуваа „Затвор не ти бега Никола“ и „Џабе ти е аболиција.“

Од пред Собранието професорот во средното училиште „Орце Николов“ Душко Стојановски во своето обраќање пред демонстрантите истакна дека е среќен што протестира и дека тоа го прави во име на неговите деца и внуци, како и неговите колеги кои не смеат да протестираат. Тој изјави дека е крајно време да им се каже „Не“ на сите што не потценуваат во изминативе десет години.

Секој од вас има одговорност да премолчувањето пред неправдата, кога таа лично ќе затропа на вашите врати, тогаш кафето ќе ви биде горко. И тука никој не се бори за власт, власт на улица не се добива, овде се бодиме за вредности, за еднаквост, за слобода, за правда.

„Само заедно, стрпливо, мирно, ама непоколебливо, без повлекување, сите ќе ја оствариме таа цел да живееме слободно и спокојно, во едно демократско општество.“

На демонстрантите им се обрати и преставничката на Студентскиот пленум Ивана Туфегџиќ која ги повика граѓаните да им се приклучат на демонстрантите за да им порачаат на, како што вели, криминалците дека ги чека робија.

„Секој од вас има одговорност да премолчувањето пред неправдата, кога таа лично ќе затропа на вашите врати, тогаш кафето ќе ви биде горко. И тука никој не се бори за власт, власт на улица не се добива, овде се бодиме за вредности, за еднаквост, за слобода, за правда.“

Протести за прв пат вечерва се одржаа и во Тетово каде што демонстрантите со транспаренти „Судство во отсуство“ и сплотени знамиња на националностите од земјава, порачаа доста молчевме.

Протестот на „Протестирам“ под мотото „Нема правда нема мир” во Кичево започна од градскиот плоштад по булеварот и заврши пред зградата на Основниот суд во Кичево. За граѓаните од Велес ова е седми ден на протест.

Протестите веќе втора недела по ред не стивнуваат ниту во Струмица.

Демонстрантите обединети под граѓанската платформа #Протестирами #Шарена револуција бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и е покренато обвинение од Специјалното обвинителство. Се бара итна и неотповиклива оставка на Иванов од функцијата претседател на Република Македонија, произнесување на Уставниот суд за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, како и формирање на специјално одделение во Кривичниот суд за случаите на СЈО.

Дел до барањата исто така се и итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5. јуни, задолжително присуство на претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата. Тие сметаат дека процесот на решавање на кризата треба да се одвива на територијата на Македонија и тоа сè додека не се формира преодна Влада која ќе ги имплементира реформските приоритети од Извештајот на Прибе.

Демонстрантите велат дека протестираат во знак на борба против авторитарниот и корумпиран режим чие олицетворение како што велат е Никола Груевски. Според нив оваа борба е ненасилна и дека ниту една група од граѓанското општество нема монопол врз борбата, со што се докажува заслуженоста на терминот Шарена револуција.

Балоните со песок и боја кои станаа обележје на овие протести единствено се наменети за објекти од Скопје 2014, проект за кој што демонстрантите, велат дека е олицетворение на власта и заради кој се потрошени стотици милиони евра пари на граѓаните.

Демонстрантите за време на протестите негодуваа за куќниот притвор за двајцата демонстранти затоа што, како што велат, полицијата и обвинителството постапуваат селективно.

Незадоволни од мерката куќен притвор за двајцата членови на политичката „Левица“, државното обвинителство ја обжали одлуката на кривичниот суд. Списокот на осомничени на полицијата се издолжува, и денеска беше објавен во голем дел од медиумите, а расте и бројот на кривични пријави. Претходно во текот на денот во дел од таканаречените провладини медиуми беа објавени црни листи на предавници и идеолошки неподобни со детални информации за место на живеење и за што се теретат во кривичните пријави.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG