Достапни линкови

Демократска влада не би ја игнорирала Шарената револуција


По ваков вид долготрајни протести со јасни барања, би се очекувало дека власта ќе има слух за желбите на граѓаните, но тоа не се случува, вели професор Мирјана Најчевска.

Навидум се менуваат работите и има некаква реакција од власта, но тоа ниту од далеку не е доволно и соодветно, бидејќи во Македонија нема демократија, велат експертите за ефектите во политичкиот живот од анти-владинитe протести во државава кои влегуваат во третата недела.

Тоа покажува дека кај нас на толку ниско веќе е донесена демократијата и дека постои празен простор, тампон, кој граѓаните не може да го поминат дури и кога граѓаните многу гласно и многу заедно ги кажуваат работите.

По ваков вид долготрајни протести со јасно искажани барања и протести кои се базираат на јасно искажани ставови и од меѓународната заедница, како што наведува професор Мирјана Најчевска, би се очекувало дека власта ќе има зголемување на слухот за барањата кои ги поставуваат граѓаните. Но, такво нешто не се случува и тоа покажува дека не постои никаква врска меѓу она што го кажуваат граѓаните и тие што се на владејачка позиција, вели Најчевска.

„Тоа покажува дека кај нас на толку ниско веќе е донесена демократијата и дека постои празен простор, тампон, кој граѓаните не може да го поминат дури и кога граѓаните многу гласно и многу заедно ги кажуваат работите. Тоа што претседателот излегува на квази прес-конференции и изнесува квази дилеми е сам вид на манипулација со граѓаните“, вели таа.

Анти владините протести влегуваат во трета недела. Претседателот Иванов е преокупиран со излегување на прес-конференции од кои најавува дека е во потрага за решение по одлуката за аболицијата. Шарената револуција зема замав и движењето Протестирам за прв пат најави дека денеска ќе има протести и во Тетово, Радовиш и во Кичево. Паралелно со анти-владините протести кои се одржуваат секој ден и натаму се одржуваат и контра-протести кои ги организира ГДОМ.

Според оценката на Најчевска, неверојатно позитивен момент е тоа што луѓето почнуваат да се охрабруваат, но уште попозитивно е што почнуваат да сфаќаат дека имаат заеднички цели поврзани со системот кој сакаат да го изградат, независно од какви било разлики во однос на политичката ориентација и верската и етичката припадност. Најчевска оценува дека контра-протстите стануваат сè помалубројни во однос на она што претставуваат граѓани со конкретни барања и оти тоа е корумпирање на власта на одреден број граѓани.

Алајдин Демири, како најважен го истакнува фактот дека Шарената ревулуција помогна да се покаже неспособноста на власта да ја смени состојбата во Македонија.

„Се смени тоа што се разбуди народот кој на големо вика дека оваа власт е неспособна и се смени менталитетот на политиката, оној бирократски начин на политиката што ја водеа партиите, пред сè ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, веќе ја снема, тие се скриени некаде, а улицата е сè поактивна и станува фактор на одлучување“, вели тој.

Демири дополнува дека Шарената револуција ќе им помогне на политичарите воопшто да ги предупреди дека единствено влада која ќе ги гарантира потребите на граѓаните во иднина може да дојде на власт.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG