Достапни линкови

Луковица - единствено село во тетовско до кое нема асфалт


Жителите на село Луковица бараат од Општина Желино да им го асфалтира патот. Градоначалникот вели дека има поприоритетни проекти.

Неколку десетици жители на планинското село Луковица со нетрпение секоја година ги чекаат потоплите месеци за да можат покомотно да патуваат кон другите места, бидејќи мачно им е движењето по единствениот пат, затоа што нема асфалт. Доколку има снег, патот воопшто не е прооден, а вообичаено, поради огромните дупки на патот, поминувањето на делницата е возможно само со теренски возила.

Многу сум изненаден што во овој наш 21 век ден денеска село во тетовско да нема асфалт, тоа е апсурд. Општина Желино, каде припаѓаме ние, меѓу тие 17 села, единствено нашето село не е асфалтиран патот.

„Многу сум изненаден што во овој наш 21 век ден денеска село во тетовско да нема асфалт, тоа е апсурд. Општина Желино, каде припаѓаме ние, меѓу тие 17 села, единствено нашето село не е асфалтиран патот. Не е некоја голема должина од пет километри, 5,5 да кажеме. Кога има дожд, бидејќи не е асфалтирано, доаѓа до ерозија на земјиштето и се создаваат поголеми канали од самата вода“, вели членот на советот на месната заедница, Миле Сибиновски.

Градоначалникот на општина Желино, Фатмир Изаири изјави дека асфалтирањето на делницата не е приоритет, образложувајќи дека во другите населени места сака да ја подобри водоводната мрежа.

„Општината интервенира неколку пати при поројни дождови, можам да кажам редовно со нивно барање. Меѓутоа патот е долг шест километри. Тие бараат тој пат да се асфалтира, можеби имаат и право, меѓутоа тргнувајќи од некои факти дека во населено место во Општина Желино, само населено место Луковица, Желино и Стримница имаат водоводна мрежа, а ниедно друго населено место нема, па затоа има многу приоритетни проекти. Така што, нивното упорно побарување дека патот мора да се решава овој ден или оваа година, тоа веќе не знам“, вели тој.

Мештаните бараат општината што побрзо да направи проектна документација, бидејќи тоа е појдовна точка да се направи патот.

„Патот катарски не постои. Значи патот треба прво да се вцрта па да се добие одобрение од министерствата. Прво треба да се добие дозвола од Министерство за транспорт и врски за да може да се вцрта, после Министерството за екологија, Министерство за шумарство и водостопанство и плус од сите приватни лица каде што поминува патот“, објаснува Миле Сибиновски од месната заедница.

Градоначалникот Изаири, пак, вели дека тоа е голема инвестиција за општината.

„Зависи како ќе биде преку Агенција за поддршка на развој, ние проектот го подготвуваме, тоа сум им го кажал. Моја обврска пред нив, на средба овде, дека јас ќе ја средам техничката документација, бидејќи патот бара инвестиција над 300 илјади евра„, вели градоначалникот Изаири.

Во Луковица постојано живеат 50-тина жители, од кои четири бебиња и десетина деца. Има околу стотина куќи, каде голем број од сопствениците доаѓаат за време на викендите.

XS
SM
MD
LG