Достапни линкови

logo-print

„Шарената револуција“ го обои и МНР


Учесниците на вечерашните протести фрлија балони со боја кон зградата на МНР. И покрај дождот, протестираа неколку илјади граѓани.

Веќе две недели во Скопје и други градови низ Македонија се одржуваат протести во организација на граѓанското движење „Протестирам“. Вечерва, како и вообичаено, насобраните од пред седиштето на СЈО се упатија кон зградата на Собранието на РМ, каде што на насобраните, меѓу другите, им се обрати Бранимир Јовановиќ од партијата „Левица“. Тој рече дека двајцата членови на нивната партија, кои беа приведени изутрината, добиле мерка домашен притвор и им биле одземени пасошите. Потоа на бината излезе пејачката Кристина Арнаудова, која истакна дека постојат милион причини за протест. Петре Шилегов од СДСМ пред насобраните граѓани им порача на властите „нема да не сотрете“.

Учесниците во протестот, движејќи се од Собранието кон Основниот суд Скопје 1, фрлија балони полни со боја кон зградата на Министерството за надворешни работи. Демонстрантите кои се наоѓаа најблиску до припадниците на полицијата распоредени пред министерството, ги штитеа полицајците со чадори за да не бидат испрскани со бојата.

И претходните денови таканаречената „Шарена револуција“ ги боеше објектите од проектот Скопје 2014, како што се портата Македонија, споменикот „Воин на коњ“, Владата, Министерството за култура, Агенцијата за медиуми и други.

Протестот заврши пред зградата на Владата, каде што насобраните извикуваа „Шутка не ти бега, Никола“ и „Џабе ти е аболиција“. Поради силниот ветар, се урна едно од скелињата од кои работници во текот на денот ги чистеа фрлрните бои од претходните протести, на штп демонстрантите почнаа да извикуваат „Ружна ви е владата“.

Инаку, вечерва на протестите им се приклучија и луѓето од Сојузот на борци на Македонија. Неколкуте илјади демонстранти, извикувајќи „Оставка, оставка“ , „Робија за криминалците“, меѓу другото, бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство, итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, како и да се повлече одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG