Достапни линкови

„Лазар“ - емотивна слика на македонската реалност од последнава декада


По светската премиера на ИФФК „Браќа Манаки“, потем и претставувањата на фестивали како „СинеИст филм фестивал“, „Санта Барбара интернејшнл филм фестивал“, та и оние во Варшава, Брисел, Софискиот фестивал и актуелниот „Скопски филмски фестивал“..„Лазар“, вториот филм на режисерот и ко-сценарист Светозар Ристовски, конечно од 5 мај ќе се најде на редовниот репертоар во кината во Македонија.

По 11 години од „Илузија“, режисерот и сценарист еве го пред пошироката публика и со своето второ играно филмско остварување - „Лазар“. Говорејќи за филмот тој знае да каже дека постојат неколку работи кои инспиративно го склопиле делото. Вели дека овие приказни за шверцување на мигранти се нешто што во Македонија се провлекува во изминативе 10-на, па и повеќе години. Дополнува дека е роден во Велес, градот кој можеби беше индустриски најповредениот од колапсот на социјализмот и транзицијата. Дека тој бил сведок на последиците од сето тоа кога цела една генерација влегла во криминалните води и самиот се изнаслушал приказни од луѓе кои лично ги познавал за сè и сешто, меѓу кои и шверцувањето на мигранти. Значи, имал инсајдерски информации за егзистенцијалниот криминален тренд во Македонија.

Лазар“ е лик којшто емотивно ја пресликува македонската реалност во последниве 10 години, а тоа е некое будење на љубов, на хуманизам. Живеење во некој криминален сив свет...и сето тоа освестување, будење на емпатија, и воопшто будење на хуманизам. Шверцувањето на мигранти не е како шверцување дрога. Станува збор за живи луѓе.
Светозар Ристевски, режисер.

„Другата работа што беше за мене многу поважна и авторски попровокативна е што „Лазар“ беше слика на она што нам ни се случува во Македонија. „Лазар“ е лик којшто емотивно ја пресликува македонската реалност во последниве 10 години, а тоа е некое будење на љубов, на хуманизам. Живеење во некој криминален сив свет...и сето тоа освестување, будење на емпатија, и воопшто будење на хуманизам. Шверцувањето на мигранти не е како шверцување дрога. Станува збор за живи луѓе. И кој е односот на овие луѓе кои да речеме сакајќи да обезбедат храна за сопственото семејство влегуваат во бизнис со живи луѓе. И каде е таа граница, дале се појавува и дали постои емпатија или постои еден ѕид, една затвореност ...нас тоа не не интересира, тоа се некои други. Таа себичност која што е тренд во целото ова денешно време на глобализација што ни се случува, а беше за мене провокација за да ја раскажам оваа приказна“, вели Ристовски.

Светозар Ристoвски.
Светозар Ристoвски.

Режисерот истакнува дека нам во моментов ни се случува хуманитарна експлозија и дека миграцијата, впрочем како и глобалното затоплување, е нешто за кое што човек не треба да биде којзнае каков визионер за да го предвиди.

„Мене ми беше јасно дека порано или подоцна создавањето на „европскиот сон“, кој што патем е реплика на „американскиот сон“ во овој век, ќе привлече стотици и илјадници луѓе без основни средства за преживување. Згора на тоа нивните држави се бомбардирани и создадени се некои „квази револуции“ ...Се случуваат хуманитарни катастрофи и тие луѓе мора да мигрираат. Значи, миграцијата е тренд и последица на ова што се случува денес, така да некако се поклопија работите филмот да биде актуелен во моментов. “

Хрватскиот актер Ведран Живолиќ кој го толкува насловниот лик во филмот, во пресрет на неговата скопска премиера, ќе рече дека неговиот главен мотив била потребата за воспоставување на самиот себе како живо битие кое би сакало да го проживее животот со полни гради. Вели дека кога по прв пат го читал сценариото тоа го потсетило „Странецот“ од Алберт Ками, на таа изгубеност во просторот, на барањето на самиот себе...

„Тоа е слика и прилика на сите овие среќни и несреќни делови во кои сме родени и каде што живееме, и каде што луѓето всушност забораваат да го пронајдат во себе огнот што ги придвижува и кој што им овозможува да бидат живи, а тоа е љубовта. Љубовта е пламенот што не држи исправени и таа ни е доволна за живот. Треба сите да го најдеме своето мало кралство и да бидеме кралеви на тој дел. Кралот не е среќен затоа што има многу или малку, туку затоа што го има тоа што го има. Така Лазар се обидува да го најде своето мало кралство во љубовта што му се случила, во тоа будење на свеста, пронаоѓање на самиот себе...бидејќи по прв пат нему му се случува нешто што во некои поинакви прилики, во една поздрава средина, кога би ја имал љубовта на мајката и таткото, на семејство... би му се случило многу порано. За жал тој морал да тргне по еден потежок пат до изнаоѓање на самиот себе.“

Директорот на фотографија во оваа македонско, бугарско - француско копродукција е Дејан Димевски. Тој првпат соработувал со Ристовски на игран филм, иако како што вели се познаваат од студентските денови и претходно соработувале при снимањето на реклами и видео клипови.

Лазар, македонски филм.
Лазар, македонски филм.

„Бевме усогласени во едно – камерата и самата фотографија мораше да ја подржува приказната, односно нарацијата на филмот. На сетовите ни беше навистина тешко. Работевме со малку и со специјално светло за да ја добиеме автентичноста на просторот, а безмалку во половина филм главниот лик е во автомобил кој се движи со голема брзина...Од друга страна имавме и една масовна сцена со некаде 3.000 глумци и статисти, што ја снимивме за осум часа ...Мислам дека никогаш и никаде такво нешто не е направено, а морам да спомнам дека сè излезе над нашите очекувања. Во нејзиното снимање особено ни помогнаа луѓето на Штип и членовите на ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ. Јас лично многу сум горд на сработеното и посебно на таквиот крај на филмот. “

Конечно, авторите знаат да кажат дека иако снимен е со буџет од 1.079.000 евра, филмот изгледа доста поскапо бидејќи има кадри со каскадери, затворени сообраќајници, масовни сцени...а сето тоа македонската публика ќе може да го види по 5 мај кога со проекциите во „Синеплекс“ и „Милениум“ ќе започне редовното прикажување на „Лазар“ во земјава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG