Достапни линкови

logo-print

Aпсат демонстранти за да ги угушат анти-владините протести


Левица се спротивставува на политичкиoт прогон на нивните членови и велат дека нема толку затвори, колку што тие имаат следбеници. Изутрината е приведен професор Здравко Савески, а неколку луѓе биле викнати на разговор во полиција. Според Левица целта е да се задуши народниот револт кој станува сè помасовен.

Немате вие затвори колку што имаме ние следбеници, порачаа денеска од политичката партија „Левица“ по апсењето на еден од членовите на президиумот, Здравко Савески и еден од најактивните членови на здружението „Протестирам“. Станува збор за насилничка практика која веќе преминува во отворен политички прогон против неистомислениците, која дојде по најавите на некои граѓански движења да се забранат одредени партии и здруженија вели Димитар Апасиев од Левица. Савески изутрината бил повикан во полициската станица Пролет во Скопје и по обавениот разговор, како што наведува Апасиев е задржан со неофицијално обвинение за учество во толпа за кое се заканува парична или затворска казна до три години. Се очекува Савески да биде изведен пред судија на претходна постапка и да даде исказ пред јавен обвинител, а шпекулациите се дека тој ќе добие притвор од 30 дена, посочува Апасиев.

„Левица најостро се спротивставува против ваквиот отворен политички прогон на нашите членови“, вели Апасиев.

Апасиев информира и дека на уште четири нивни членови на највисоките раководни функции им се упатени покани за информативен разговор и препорача тие да не се појавуваат на овие разговори бидејќи постои опасност да бидат уапсени. Според него, целта е да се задуши народниот револт кој станува сè помасовен. Апасиев притоа упати три пораки. Првата до министерот и заменик министерот за внатрешни работи да не ги процесуираат кривичните пријави додека не заврши политичката криза. Втората е до јавното обвинителство да не бара притвор, а третата до судијата кој ќе работи на предметот да не ја определува мерката.

„На крај сакаме да порачаме на оние кои што штитат криминали дека немате вие затвори колку што ние имаме следбеници“, вели Апасиев.

Марјан Ристовски од Левица рече дека за секој нивен притворен само прават контра ефект.

„Ги повикувам граѓаните да се охрабрат и сите заеднички еднаш засекогаш во Македонија да се воведе правен систем кој што ќе важи подеднакво за сите“, вели Ристовски.

Членовите на Левица, особено Савески се едни од најгласните критичари на моменталните власти и се дел од здружението „Протестирам“, кое е организатор на антивладините протести на таканаречената „Шарена револуција“. Од Протестирам на социјалната мрежа Фејсбук напишаа дека со бес и гадење ја дочекале веста.

„Да потсетиме, изминатиов период се заплашуваат и повикуваат на распит повеќе луѓе кои протестираат! Додека корумпираните владејачи се аболицираат, диктатурата удира по оние кои се одважиле да го кренат својот глас“!, пишуваат од „Протестирам“.

Од СДСМ реагираа дека е хипокризија криминалци да се на слобода, а да се приведуваат револтирани граѓани.

„СДСМ заедно со граѓаните жестоко се спротивставува на насилничкото владеење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Хипокризија е обвинети за криминал и корупција од највисокиот врв на власта на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да се на слобода, па дури и аболицирани, а истата таа власт да приведува граѓани кои преку протести го изразуваат својот револт за ваквиот начин на практикување на владеењето“, стои во соопштението на СДСМ.

На апсењето на Савески се спротивставија и другите помали партии како Либералната партија, НСДП и Демократскиот Сојуз. Од невладината Цивил најостро го осудија приведувањето на Савески и бараат негово итно ослободување. Цивил бара да престанат и притисоците и делувањето против активистите за човекови права и против граѓанското општество, воопшто, и порачуваат дека апсењата мора да престанат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG