Достапни линкови

Вучиќ: историска изборна победа


Српскиот премиер Александар Вучиќ прогласи историска победа на неговата Српска напредна партија на предвремените избори. Според првичните резултати таа доби 49 насто од гласовите. Социјалистичка партија е втора најголема партија во парламентот со скоро 13 насто, додека ултра националистичката Српска радикална партија влезе во парламентот со над 7 ипол насто.

Премиерот Александар Вучиќ и покрај убедливата изборна поддршка за неговата проевропска политика сепак ќе мора да се соочи со ултра националистичката опозиција која е во подем и која ја отфрла интеграцијата на Србија во Европската унија и бара поблиски врски со Русија.

Вучиќ излезе на гласање две години предвреме, наведувајќи дека сака јасен мандат од 6,7 милиони гласачи во Србија за реформи кои ќе помогнат во преговорите за членство во Унијата што почнаа во минатиот декември и, според очекувањата, би требало да завршат до 2019 година.

Иако 46-годишниот Вучиќ, кој порано беше тврдокорен националист, е на власт во период на штедење, делумно и поради условите за заем од Меѓународниот монетарен фонд од милијарда и 200 милиони евра, гласачите повторно му дадоа силна поддршка.

Радикалите по четири години отсуство повторно влегоа во парламентот. Тие, според аналитичарите, би можело да се претворат во своевиден трн за Вучиќ, барајќи поблиски односи со Русија, а не со Европската унија.

„Мислам дека ова е историски резултат. Да се добие во апсолутен број повеќе гласови или во проценти поголем број гласови од пред две години кога тргнавме во многу тешки реформи, е извонреден успех“, изјави Вучиќ наведувајќи:

„Србија ќе продолжи на европскиот пат и ќе се обидеме да го забрзаме“, рече тој.

Вчерашните избори го означија и заживувањето на ултра националистичката Српска радикална партија на Воислав Шешељ, кој во минатиот месец Хашкиот трибунал го ослободи од сите обвинувања за воени злосторства за време на распадот на Југославија.

Радикалите по четири години отсуство повторно влегоа во парламентот. Тие, според аналитичарите, би можело да се претворат во своевиден трн за Вучиќ, барајќи поблиски односи со Русија, а не со Европската унија.

Шешељ изрази разочарување од резултатот, а проевропската Демократска партија која освои само 6 насто од гласовите се пожали на големиот број изборни неправилности во полза на Српската напредна партија.

Како и да е, партијата на премиерот Вучиќ, иако на овие избори нема да го достигне бројот на пратеници што досега ги имаше во парламентот, односно 158, се очекува да продолжи да владее во коалиција со социјалистите, своевремено формирани од Слободан Милошевиќ, а чиј лидер сега е шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ.

Од друга страна, социјалистите се противат на приватизацијата на фирмите загубари во земјата, побарана од Брисел како услов за поблиска интеграција на Србија со Унијата, што доведе до извесни тензии во коалицијата со Вучиќ.

Колку точно пратенички места во 250-члениот парламент ќе има Српската напредна партија зависи од тоа колку други мали партии ќе го надминат прагот од пет насто потребен за да се влезе во собранието.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG