Достапни линкови

Лавовите кај мостот „Гоце Делчев“ - дел од шарената револуција


„Шарената револуција“ денеска, 11 ден ги продолжи своите протести, но демонстрантите беа спречени да протестираат пред Уставниот суд. Тие ги обоија лавовите поставени кај мостот „Гоце Делчев“, слично како и претходните денови кога беа обоени неколку институции и споменици.

Демонстрантите на просторот кај Владата на Македонија го завршија вечерашниот анти-владин протест извикувајќи „Не ти бега затвор Никола“ и „нема аболиција“. Тие го закачија нивниот транспарент на кој пишува „Слобода, еднаквост, правда“ на заштитната ограда пред Владата.

Претходно полицијата не им дозволи на демонстрантите од анти-владиниот протест да се движат кон Уставниот суд како што планираа. Од пред зградата на Специјалното обвинитeлство тие сакаа преку мостот „Гоце Делчев“ да стигнат до Уставниот суд, како „еден од симболите на неправда и корумпираност“. Полициски кордон и водени топови беа поставени на почетокот на мостот кој води до Уставниот суд. Демонстрантите извадија огледало и ги повикаа полицајците да го видат сопствениот одраз во него и извикуваа „Пуштете го народот". Таму статуите лавови беа обоени во неколку бои. Графит со зборовите „Шарена револуција“ беше испишан на мостот.

Претходно граѓаните од 18 часот се собираа на старото место, пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство. Во повикот на Протестирам за денешниот протест во Скопје беше наведено дека тие планираат да протестираат „пред еден од симболите на неправда и корумпираност - Неуставниот суд“. Демонстрантите планираа да се појават пред Уставниот суд и да го бојадисаат во безмалку сите бои, слично како и Триумфалната порта, Министерството за култура, Агенцијата за медиуми и други институции, поради што оваа инициајтива беше симболично наречена шарена револуција.

Револтираните демонстранти повторно преку слогани и транспаренти упатуваа пораки: „Нема правда, нема мир“, „Не ве аболицираме“, „Слобода“, „Никола на робија“, „Правда“, „Оди си мафијо“, „Блиска е победата“.

Демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција на политичарите против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и, формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.

Инаку, на 16 ти март, Уставниот суд на затворена седница, без присуство на новинари донесе одлука за укинување на измените на Законот за помилување од 2009-та година, со што претседателот на државата доби можност да помилува осуденици за изборни нерегуларности, педофили, наркодилери, како и лица осудени за дела против човечноста.

Претседателот Ѓорге Иванов ја искористи одлуката на Уставниот суд. На 12 април донесе одлука да помилува 56 политичари и нивни соработници против кои се води истрага, или се под сомневање дека сториле криминал кој произлегува од содржината на прислушуваните разговори.

САД вчера повторно побара од претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече аболицијата затоа што таа предизвикува загриженот за неможност за организирање веродостојн избори.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG