Достапни линкови

Винчиќ во потрага по хероината во себе


Гордана Винчиќ, сликарка.
Гордана Винчиќ, сликарка.

„Интуитивна исповед“ е насловена самостојната изложба на Гордана Винчиќ што од 14 до 24 април се одржува во Галеријата „Остен“ во Скопје. Уметницата на ова постановка нуди 30 цртежи, женски актови, во комбинирана техника (јаглен, пастел и туш) на хартија, со кои на виделина ги вади нелагодните чувства во себе какви што се желбата за еротика и интима.

Гордана Винчиќ е самосвесна уметница. Жена во најубавите години која ништо не може да ја спречи во намерата да го отфрли оклопот од себе и така навидум „разголена“ да ги распостели своите чувства пред публиката. Од таму нималку не чуди кога во посланието до конзументите на нејзиното творештво ќе забележи дека „интуицијата е света“. Дека таа спојува со семоќната сила на креаторот и неограничените блаженства на рајските градини. И згора, дека самоостварувањето е возможно само преку интуитивна исповед. И, потем како појаснување ќе допише дека интуицијата е „тивкиот глас, потиснатите чувства и нашиот дух заробен како во волшебна лампа“. Духот кој ги исполнува сите желби. И, тука не запира во експликацијата нагласувајќи дека неа лично ја ограничуваат нелагодните чувства што уште како деца ги таложиме. - пред сè желбата за еротика и интима.

Под хероина инаку јас подразбирам ослободување од препреката срам. Да се покажам. Да се разголам на некој начин бидејќи делата ми се женски актови. Да ја покажам вистината која сум јас. Да не се кријам зад некаква, било каква, маска бидејќи тие супресирани емоции се препрека, барикада за самоостварување.
Гордана Винчиќ, уметница.

„Целата изложба всушност сум јас лично и моите чувства. Мојата желба да станам хероина. Ја напуштив Македонија многу млада, на 17 години. Еве ме сега по толку години со мисла дека со овие дела токму тој пат и го покажувам. Патот на хероината. А тука се многу чувства, емоции кои што биле долго потиснати и сега конструктивно бликаат од делата. Под хероина инаку јас подразбирам ослободување од препреката срам. Да се покажам. Да се разголам на некој начин бидејќи делата ми се женски актови. Да ја покажам вистината која сум јас. Да не се кријам зад некаква, било каква, маска бидејќи тие супресирани емоции се препрека, барикада за самоостварување“, вели Винчиќ.

Уметницата дополнува дека желбата за ослободување кај неа, како и впрочем кај сите луѓе постои од самото раѓање. Истакнува дека сите во нас носиме по еден херој, а тој херој е таа индивидуалност или дарба којашто многупати ја отфрламе поради културата, родителите, стегите на општеството... За себе вели дека и самата така го живееле својот живот се некаде до пред шест години кога одлучила да и се врати на својата природа. Кога започнала професионално да се бави со уметноста. Конечно, таа е убедена дека зреењето, херојството, од ден на ден се повеќе доаѓа до израз во нејзините дела. Затоа и не ја плашат конзервативноста на средината, ниту негативните критики за нејзините експресивни слики.

„Иако е Македонија конзервативна во себе има нешто модерно, но и тоа како моите чувства е на некој начин потиснато. Не очекувам некои негативни реакции за моето творештво, а и да ги има тоа е добро за надградба. Тие критики можат само да ме натераат да се преиспитам и да работам врз себе. Другиот поглед на моите дела може да ми даде сепак нешто добро.“

Родена во Скопје, Гордана Винчиќ цели две децении живее и твори во Малме, Шведска. Во 1998 година завршува студии за Социјална работа и политика при реномираниот универзитет Лунд. По дипломирањето почнува да се занимава со психологија, а исто така се здобива и со 15-годишно лидерско искуство во повеќе области. Големо влијание врз нејзиното творештво има нејзината мајка која како ликовен уметник и историчар на уметноста, уште од мала и ги пренела корените и тајните на сликарството. Свој удел во развојот на нејзината слободна мисла,пак, има и нејзиниот татко кој е носител на Медал за храброст, Орден за труд и Јубилеен медал за заштита на спомениците на културата во некогашна СФРЈ и кој како доктор на науки по Археологија ( специјалност Антика) своевремено учествувал во истражувањата на Стоби, Скупи, Баргала, црквата Свети Пантелејмон, гробот на Свети Климент Охридски и други локалитети.

Винчиќ зад себе има повеќе самостојни изложби, меѓу кои една од позначајните е “Транзиции“ во Санк Петербург во 2015. Творела и изложувала заедно и со својата сестра Наталија и тоа во Франција, Шведска, Англија и во Македонија. Покрај тоа нејзиното искуство и вештините во доменот на социјалната работа и политика и овозможиле да потпише над 300 визуелно иновативни ликовни работилници спонзорирани од шведската влада.

Таа се јавува и како организатор на голем број тамошни семинари за лидерство каде основни алатки се токму нејзините ликовни дела.

Во февруари 2016 година, Гордана ја објави и првата книга „Лицата на Александар и Градот со 7 капии“, во која ги претстави методологијата и делата создадени со нејзината сестра, кои две години пред тоа беа изложени во Порта Македонија.

Инаку, познавачите на уметноста за нејзиното творештво велат дека е „наративно и дека со себе носи длабока мистичност, носталгичност и надреална симболика“. Дека „секое парче уметност ги поттикнува сетилата, тера на размислување и барање одговори“, а авторката спојувајќи ги уметноста и личниот развој „како главен поттик ја има фасцинираноста од подсвесното знаење и мудрост што секој човек ги носи со себе“.

А, по постановката во Галерија „Остен“, уметницата најавува серија на проекти од кои посебно важни се нејзиниот двомесечен престој во Украина каде ќе твори заедно со уште неколкумина уметници од светот а делата потем ќе бидат изложени во Националниот музеј во Одеса и претстојната октомвриска изложба во шведската престолнина Стокхолм.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG