Достапни линкови

Србија на предвремени избори со извесен резултат


Во Србија в недела ќе се одржат предвремени избори на кои се очекува да победи владејачката конзервативна Српска напредна партија на премиерот Александар Вучиќ. Изборите може да означат и враќање на ултра националистите во парламентот, предводени од Воислав Шешељ и неговата Српска радикална партија.

Последните анкети покажуваат дека Српската напредна партија ќе добие повеќе од половина од гласовите доколку одѕивот на 6,7 милиони регистрирани гласачи ќе биде околу 55 проценти.

Тоа на премиерот Вучиќ ќе му обезбеди големо мнозинство во парламентот и ќе му биде трета изборна победа во изминативе четири години што ја покажува неговата доминација во земјата која се соочува со многу политички и економски предизвици.

Доколку и неговиот коалициски сојузник, шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ и неговата Социјалистичка партија освојат 13 проценти од гласовите, тогаш тие ќе имаат огромно мнозинство, а на опозицијата ќе и остават само трошки во парламентот.

Само силна влада и само силна Србија можела во Обединетите нации, со помош на нашите руски пријатели да ја зачува државата од таа стигма на геноцидноста каква што ни беше наметната.

Вучиќ, поранешен крајно десничарски лидер кој стана умерен, во кампањата инсистираше на реформи во Србија на патот до Европската унија со задржување на традиционално тесните врски со Русија.

Сепак, на завршниот митинг во Белград пред изборниот молк тој повторно заигра на националната гордост:

„Само силна влада и само силна Србија можела во Обединетите нации, со помош на нашите руски пријатели да ја зачува државата од таа стигма на геноцидноста каква што ни беше наметната“, изјави Вучиќ која повтори дека Србија нема да му се приклучи на НАТО, но оти сака да има соработка со сите.

Тој изрази и страхување од преродбата на ултранационалистите на политичката сцена.

Своевремено моќната и жестоко антизападната и проруската Српска радикална партија, според анкетите, би можело по двегодишна пауза, да се врати и да биде трета најголема партија во парламентот.

Нејзиниот лидер Воислав Шешељ кој неодамна од Хашкиот трибунал беше ослободен од сите обвинувања за воени злосторства отворено е против српското приближување до Европската унија.

„Европската унија е НАТО. Тие не бомбардираа, ни ги грабнаа Српска Краина и Косово, ја одвоија Македонија и Црна Гора. Што можеме добро да очекуваме од нив?“, изјави Шешељ на еден собир во Јагодина.

Инаку, 61-годишниот Шешељ му беше ментор на Вучиќ се до 2008 година кога сегашниот премиер ги напушти радикалите.

Аналитичарите сметаат дека болните реформи што ги бара Унијата и невработеноста од 18 насто ги турка гласачите кон десничарските партии.

„По враќањето на Шешељ од затвор и со политичкото дејствување, тој го консолидира своето избирачко тело и може да земе дел од гласачите на Вучиќ. Воопшто нема да биде изненадување неговото влегување во парламентот“, вели аналитичарот Ѓорѓе Влајиќ.

Последните испитувања на јавното мислење покажаа дека скоро 72 отсто од Србите се противат на влегувањето во Европската унија и НАТО.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG