Достапни линкови

ЕУ: Пропаѓањето на Договорот од Пржино ќе има сериозни последици


Еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Ричард Ховит, Едвард Кукан и и Иво Вајгл преку писмено соопштение изразија жалење поради неодржувањето на лидерската средба којашто беше закажана за утре во Виена. Како што наведуваат, целта на средбата во австрискиот главен град била да и се помогне на земјата да најде начин да го имплементира Договорот од Прижно, со учество на сите потписници.

Постоечките проблеми со владеењето на правото, кои го поткопуваат Договорот, мора да се решат без понатамошно одложување, се вели во соопштението, каде се додава дека тоа особено се однесува на последните помилувања на претседателот и итните чекори потребни за подготовка на веродостојни избори, кои треба да бидат признаени од меѓународната заедница.

„Остануваме цврсто посветени да им помогнеме на партиите. Сепак, нагласуваме дека одговорноста да се спроведе демократски напредок и напредокот на евроатланскиот пат зависи од самите партии, а во име на граѓаните на нивната земја. Сега тие се на ред да испорачаат и да го дефинираат патот напред“, се вели во соопштението.

„Ние постојано велиме дека пропаѓањето на Договорот од Пржино ќе има многу сериозни последици за земјата. Длабоко жалиме за ретроградните чекори на земјата, кои ја одалечуваат од нејзините аспирации кон членството во ЕУ.“

„Во отсуство на понатамошен напредок, сега сме принудени да разгледуваме дополнителни акции за да се исполнат јасните барања на Советот на Европа, Европската Комисија и Европскиот Парламент.“

„Ние исто така ги признаваме изјавите и акциите на граѓанското општество во земјата и ја изразуваме нашата целосна поддршка на сите мирољубиви напори за да се обезбеди плурализам и слобода на мислење, кои се главни вредности на сите европски демократии“, се вели во писмената изјава на меѓународните посредници во решавањето на политичката криза во Македонија.

XS
SM
MD
LG