Достапни линкови

logo-print

„Протестирам“ низ Македонија


Освен во Скопје, во организација на „Протестирам“, има протести и во другите градови. Протести има во Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово, Штип, Велес и Битола, Кавадарци и Охрид. Утре треба да има протест и во Гостивар.

Учесниците на протестот во Кавадарци се собраа во центарот на градот, кратко протестираа пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и пред општинската зграда. Граѓанскиот активист Ненад Јовановиќ истакна дека протестот е поради масовната узурпација на сите јавни институции на Кавадарци. Зоран Ѓорѓиев, претседател на општинската организација на СДСМ од Кавадарци рече дека партијата дава комплетна поддршка на протестот.

Поддржувачите на „Протестирам“ и вечерва на мирен протест низ улиците на Кочани го искажаа своето незадоволство од актуелната власт и побараа нејзина оставка.

Од Градскиот парк, низ улиците на Кочани, се до зградата на Општината, учесниците на протестот извикува пароли за оставка на претседателот Ѓорге Иванов и повлекување на одлуката за аболиција. Александар Симеонов во име на група граѓани рече дека се собрале за да ја променат власта од која им е доста поради нејзиното криминално владеење. На протестот беа рецитирани и револуционерни стихови од Ацо Шопов и Кочо Рацин.

Пред Општина Кочани на насобраните граѓани им се обрати претседателот на Општинската организација на СДСМ во Кочани Сашко Костов кој искажувајќи револт кон локалната власт порача таа да си замине поскоро.

Протест се одржа и во Охрид во организација на „Протестирам“. Собирот започнаа на плоштадот „Македонија“, по што демонстрантите продефилираа низ Охридската чаршија се до Градскиот плоштад, а маршот низ центарот на градот го заокружија пред зградата на Основиот суд. Иако беше најавено дека активистите на „Протестирам“ после собирот од кај Чинарот ќе се упатат и кон општинската зграда, тие се откажаа од таквата намера за да се избегне контакт со активистите на ГДОМ, па својот протестен марш го пренасочија кон Градскиот плоштад и кон зградата на Општинскиот суд.

Полицијата благовремено постави физички препреки на повеќе улици во центарот на Охрид, за да се превенираат несакани ситуации или блиски средби меѓу припадници на двата табори.

XS
SM
MD
LG