Достапни линкови

„Буре барут“ или бегство од реализмот како од црн ѓавол


По цели 23 години од праизведбата во МНТ, режисерот Сашо Миленковски наново посега по „Буре барут“, култниот текст на драматургот Дејан Дуковски. Овојпат тоа го прави за одбележување на седумдеценискиот јубилеј на Драмски театар, креирајќи претстава за тивките луѓе пред „пукање“.

Режисерот Сашо Миленковски, во предвечерието на премиерната изведба на „Буре барут“ од Дејан Дуковски, стокмена за седумдеценискиот јубилеј на Драмски театар, овој четврток на 21 април, во 20 часот, знае да каже дека тое е „лакмус претстава“. Кога ќе ја спуштиш во едно време, во една епоха, таа точно ги дијагностицира проблемите на епохата и што произлегува од тоа.

Во овие тешки времиња кога некој човек ќе каже нешто сите бараат од каде му е „нарачката“. Сите сакаат да го следат патот на парите. Никој не се бави со тоа што прави човекот. Сите се ослободени од одговорност пошто некој нешто им нарачал. Таква работа не постои. Чинот на делување е елементарна одговорност.
Сашо Миленковси, режисер.

Појаснува дека колку и да е тоа духовит текст, колку тие сцени и да содржат хумор, всушност дршката на која што е обесена сликата „Буре барут“ е многу мрачна. Но, како што вели, тоа време во кое е напишан текстот говорело за тој балкански мрак. За една посебна доза на самоувереност кај балканските народи, за чувство на посебност. Дополнува дека колективната синергија на балканските народи е метафизичка. Дека не произведува ништо реално. Произведува еден метасвет во кој навистина се мешаат работите и критериумите и тоа чувство за посебност од ефект се претфора во дефект и тие горе-долу состојби клацкајќи се влијаат на нашите животи. Затоа тие како екипа направиле претстава која што е на работ на нивните можности. Многу тежок организам за владеење во кој се обиделе „да побегнат од реализмот како од црн ѓавол“.

„Бидејќи времето во кое што живееме се измести од „ѓонија“ ( битолски, жаргонски, отклонување од наведеното н.з) веќе не можеме да наведеме многу паметни причини зошто нештото би го направиле. И затоа, како кај Пинтер, се решивме да не се бавиме со причините зошто некој се однесува како што се однесува туку да регистрираме како се однесува. Во овие тешки времиња кога некој човек ќе каже нешто сите бараат од каде му е „нарачката“. Сите сакаат да го следат патот на парите. Никој не се бави со тоа што прави човекот. Сите се ослободени од одговорност пошто некој нешто им нарачал. Таква работа не постои. Чинот на делување е елементарна одговорност. Ако се сеќавате на претставата „Јов“ ова на некој начин е втора фаза на третирање на проблемот на интегритет. Најнасушна и најдефицитарна стока во ова време е интегритетот. Персоналниот, личниот интегритет. Критериуми. Колективни и особено персонални. Тука претставата „Буре барут“ се обидува да кореспондира со нашето време“, вели Миленковски.

Режисерот истакнува дека правејќи ја претставата постојано мислел на тивките луѓе, на вредните домаќини, на архитектите, градителите...на срамежливите. На оние кои имаат поинаква семејна ситуација и не го истакнуваат својот политички став.

„Но во бучни времиња тивките луѓе всушност се мнозинство. И кога ним ќе им пукне филмот ќе стане опасно за сите. Особено за властите. Оваа претстава е токму за тие тивки луѓе во моментот пред пукање. Кој го читал текстот знае дека во драмата има едно пет-шест убиства. Нив нема да ги видите во претставата, токму од тие причини. Ги запираме во последниот момент пред да се егзекутираат.“

Во контекст на ова, актерот и уметнички директор на Драмски театар Рубенс Муратовски истакнува дека имало доста разговори и препирки околу одбирот за поставување на „Буре барут“, култниот текст на Дуковски, за јубилејот. Се решиле за тоа имајќи на ум дека сега „бурето барут е сведено на институции“.

„Погледнете низ улици колку омраза има во луѓето. Во едните, во другите, во третите...во десеттите. Крв низ очи ни излегува. Желбата моја, наша, беше да го поставиме овој текст и да се обидеме да се случи барем обединување на ансамблот, внатре во институцијата, за потоа да се случи некакво помирување и обединување надвор. Искрено многу ми е драго што по прв пат текст на Дејан Дуковски се поставува во Драмски театар. “

Јовица Михајловски, пак, посочувајќи на својата реплика од „Буре барут“ дека „сè што во светот е инцидент, кај нас е систем“, забележува дека фикцијата и на најдобриот автор станува минорна и дека не може никако да и се доближи на реалноста.

„Секаде во светот театарот ја антиципира реалноста, кај нас еве излегува обратно – реалноста го антиципира театарот. Се надевам дека тоа нема да ги намали интересот и гледаноста на оваа претстава.“

Покрај споменатите во претставата играат и Лазе Манасковски, Иван Петрушевски, Гоце Тодоровски, Ѓокица Лукаревски, Благица Димитровска, Александра Павлова, Игор Стојчевски, Виолета Шапковска, Емилија Мицевска, Симон Манасковски, Сашо Тасевски, Благој Чоревски, Александар Степанулевски, Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ и Јана Стојановска, актери од четири генерации – од нововработените, преку младите, средната генерација и највозрасните од кои некои се веќе во пензија.

Музиката е на Венко Серафимов, постојан соработник на Миленковски, вокалната интерпретација на еден од сонговите е на Сузана Спасовска, за дизајнот се погрижи Владимир Симоновски, а кореографијата ја потпишува сепоприсутниот танчер и балетски уметник Валентин Апостоловски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG