Достапни линкови

„Социетас цивилис“ со предлози за надминувања на политичката криза


Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во писмено обраќање до претставниците на меѓународната заедница, до претседателот на Македонија Ѓорге Иванов и до политичките лидери на најголемите политички партии во земјава предлагаат решенија во врска со надминувањето на политичката криза. Предложените чекори на организацијата се:

1. Уставниот суд треба да ja преиспита одлукaта за распуштање на Собранието, и во тој контекст одлуката за распишување на предвремени избори.

2. Бараме од Претседателот на Република Македонија веднаш да го повлече актот за помилување на лицата за кои се водат пред-истражни и истражни постапки за злоупотреба на службената положба и овластувања. Специјалното јавно обвинителство треба да продолжи со својата работа.

3. Бараме од лидерите на политичките партии и меѓународната заедница конечно да ја поддржат опцијата за формирање на преодна Влада со мандат до следните редовни парламентарни избори предвидени за 2018 година и со единствена цел спроведување во конкретни рокови на Итните реформски приоритети поддржани од Европската комисија. При тоа, сметаме дека е од највисока важност во преодната Влада да не бидат вклучени лица за кои се водат какви било постапки за злоупотреба на службената положба и овластувања.

4. Бараме од институциите и политичките партии да покажат отвореност кон претставниците на граѓанското општество и суштински да ги вклучат граѓаните во своите одлуки. Претставници на граѓанското општество мораат да имаат активна улога на преговарачката маса во претстојни преговори на политичките партии, како и свои претставници со право на глас во работењето на Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупција, Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Агенција за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги.

5. Бараме од сите чинители до кои е адресирано ова писмо со конкретни активности да ја поддржат работата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Специјално јавно обвинителство). Пред сѐ, бараме од Уставниот суд на Република Македонија во најкраток можен рок да се изјасни по повод иницијативата за оценување на уставноста на Законот кој ја формира оваа институција како што завчера беше истакнато на граѓанските протести од страна на движењето #Протестирам.

XS
SM
MD
LG