Достапни линкови

Демонстрантите бараат вклученост во евентуални преговори меѓу партиите


Во СДСМ велат дека сè уште се консултираат со движењето Протестирам за нивно учество на преговорите во Виена. Учесниците на протестите бараат и нивните претставници да учествуваат на преговорите.

Сè уште во тек се консултации со граѓанскиот сектор кои се дел од движењето Протестирам и со потписниците на платформата од коалицијата, велат од СДСМ за нивното присуство на состанокот во Виена. Од ВМРО-ДПМНЕ вчера потврдија дека ќе присуствуваат на лидерската во Виена в петок, а од ДУИ информираат дека не е дефиниран составот на делегацијата, но оти нивни претставници најверојатно ќе одат таму.

Ако се приклучат и граѓанските здруженија, тие ќе бараат експертска влада, што би било најсоодветен одговор бидејќи ќе биде најнеутрална за имплементација на сите обврски од договорот од Пржино.

Од движењето Протестирам, кое е организатор на протестите кои веќе втора недела не запираат, демонстрантите вчера побараа ако има преговори и тие да бидат вклучени. Тие сметаат дека преговори во овие услови се неприфатливи и бараат претседателот да ја повлече одлуката за аболиција и да си даде оставка. Демонстрантите исто така очекуваат да се повлече одлуката за избори на 5 јуни и во решавање на кризата да бидат вклучени и претставници на граѓанското општество, како и да се формира преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети.

Професор Митко Гаџовски вели дека ЕУ ќе се обиде да се откочи закочениот договор од Пржино и да се приближат ставовите на политичките партии кои се потписници на договорот. Но, дополнува дека од исклучително значење е на преговорите во Виена да се приклучат и членовите од граѓанското здружение. Јавноста во изминатите неколку дена беше сведок дека станува збор за организација која има моќ да мобилизира голем број граѓани кои се незадоволни од досегашното владеење и од аболицијата на Иванов, вели Гаџовски.

„Претпоставувам дека барањата на опозицијата за да се врати на преговарачка маса и да се продолжи со имплементација на договорот ќе значи повлекување на одлуката за помилување и одлагање на изборите додека не се прочисти избирачкиот список и не се донесе законот за медиумите. Ако се приклучат и граѓанските здруженија, тие ќе бараат експертска влада, што би било најсоодветен одговор бидејќи ќе биде најнеутрална за имплементација на сите обврски од договорот од Пржино“, вели тој.

Аналитичарот Мерсал Биљали вели дека за да се постигне договор во Виена треба да се вклучи граѓанскиот сектор, но и новите политички партии. Според него, на зелената маса не може да се постигне договор, доколку претходно не се исполнат условите за избори.

„Не се очекува нешто спектакуларно. Врвно што може да се постигне е да се одложат изборите, особено што сега нема ни политички услови да се одржат избори во оваа драматична ситуација“, вели тој.

На средбата со која ЕУ се обидува да го спаси договорот од Пржино треба да присуствуваат еврокомесарот Јоханес Хан, тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит, како и амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG