Достапни линкови

Револтот против власта се излеа во боја врз Скопје 2014


Преговорите засега се неприфатливи, политичка борба останува на улиците велат демонстрантите кои втора недела протестираат против аболицијата на политичарите. Денешните протести ги одбележа фрлањето на боја на зградата на Министерството за култура и неколку споменици дел од проектот Скопје 2014.

Со балони со боја и јајца демонстрантите гаѓаа кон споменици дел од проектот Скопје 2014, за време на протестот против одлуката за аболиција на политичари од претседателот Ѓорге Иванов.

Прва на удар на „украсувањето“ се најде Трумфалната порта во центарот на Скопје. Демонстрантите со боја, јајца и нови графити по трет пат ја обоија портата. Потоа следуваше боја и за споменикот Воин на коњ, во чија фонтана заврши прашок за перење, а графити беа испишани и на споменикот на Цар Самоил на плоштадот Македонија во Скопје. Демонстрантите со боја гаѓаа и кон зградата на Министерството за култура, каде го искажаа револтот од контроверзниот проект Скопје 2014. За време на протестите забележително е силното полициско обезбедување во градот.

Демонстрантите, илјадници на број, и на почетокот на втората недела од протестите извикуваа „Нема правда, нема мир“, „Оставка, оставка“, „Не ве амнестираме“. Дел од демонстрантите ја пеат и познатата детска песничка „Никола, Никола“, само со изменет тест - Никола доста беа десет години.

Од движењето „Протестирам“, кои се организатори на протестот сметаат дека преговори во овие услови се неприфатливи. Тие бараат претседателот да ја повлече одлуката за аболиција и да си даде оставка, Уставниот суд да се произнесе за уставноста на СЈО, потоа бараат да се формира специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО. Понатаму бараат да се повлече одлуката за избори на 5 јуни, во решавање на кризата да бидат вклучени и претставници на граѓанското општество, да се формира преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе, а дотогаш како што наведуваат политичка борба останува на улиците. Демонстрантите првин се собраа пред просториите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје во знак на поддршка за работата на оваа институција. Потоа протестираа пред Собранието, па пред зградата на Министерството за правда, а оттаму пред Влада. Пред Собранието дел од демонстрантите одржаа говори и и порачаа на власта – No pasaran.

Денеска движењето „Протестирам“ одржа протести и во Струмица, Битола, Штип, Куманово и Велес.

Во меѓувреме на повик на граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) вечерва се протестира во Битола, Штип и Велес. Тие како што велат се протестираат против сценаријата на опозицијата и се залагаат за одбрана на државата и институциите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG