Достапни линкови

Нема опција за седнување на преговарачка маса, велат од СДСМ. За ВМРО-ДПМНЕ излезот од кризата се изборите. Од ЕУ велат - нема никакви придвижувања. Изборите не се решение, политичарите мора да разговараат, посочуваат експертите.

Се уште нема опција за седнување на политичките партии на преговарачка маса, велат од СДСМ по изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. И од Канцеларијата на евроамбасадорот во Скопје велат дека засега нема никакви придвижувања.

Насоките што ќе ги добива ова раководство или лидерите на партиите од меѓународната заедница потпомогнати од тоа што се случува секој ден по улиците низ државата ќе ги доведе повторно на преговарачка маса и одовде треба да ги очекуваме решенијата на проблемите.

Од СДСМ уште еднаш потеницираат дека избори на 5 јуни не може да има и оти тие треба да се одложат се додека не бидат исполнети условите за нивно фер и кредибилно спроведување.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека излезот од политичката криза се изборите, а не пролонгирање на агонијата до бесконечност. Сега се наоѓаме во ситуација, како што наведуваат, кога функционалноста на системот е директно загрозена, вклучувајќи и го безбедносниот. Колку и да сака некој политички да профитира од кризата, според владејачката партија граѓаните бараат избори и враќање на редот во земјата. Од ВМРО-ДПМНЕ не коментираат дали има можности за евентуална средба меѓу партиите.

Професор Никола Дујовски вели дека решение на политичката криза дефинитивно нема да бидат изборите на 5 јуни, туку мора сите политички лидери кои не доведоа во ваква ситуација повторно да седнат на маса и да разговараат.

„Тоа ќе се случи порано или подоцна. Дали ќе биде под силен притисок од домашната јавност, гледате дека протестите добиваат се повеќе на масовност, или ќе се случи под притисок на меѓународната заедница или комбинирани и двете, значи насоките што ќе ги добива ова раководство или лидерите на партиите од меѓународната заедница потпомогнати од тоа што се случува секој ден по улиците низ државата ќе ги доведе повторно на преговарачка маса и одовде треба да ги очекуваме решенијата на проблемите“, вели Дујовски.

Тој додава дека начинот на дејствување на секој политичар е да бара решение, а не да стојат на своите ставови. За жал, тие до денеска, според Дујовски особено оние кои се уште се на власт не покажале доволно зрелост да бараат решение за излез од кризата и затоа седнувањето на заедничка маса е само почеток.

„Знаете во политиката ретко кога станува збор за било каква волја. Нема потреба да имате волја, таа доаѓа како резултат на актуелностите и случувањата на настаните, а потребата да се дискутира повторно ќе биде резултат на притисокот кој што ќе го вршат. Ако чекаме на нивната волја веројатно долги години нема да седнат и ниту изборите на 5 јуни ќе го решат тоа“, вели Дујовски.

Хан изјави дека последните настани ги загрозуваат закажаните избори и предупреди оти Европа нема да признае Влада избрана на некоректни избори. Тој апелираше до партиите да се вратат на преговорите. Во меѓувреме денеска продолжуваат протестите против одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за помилување и против спроведување на изборите на 5 јуни.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG