Достапни линкови

Заев официјално побара Иванов да го поништи помилувањето за него


Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска до претседателот Ѓорге Иванов испрати барање за поништување на поединечни одлуки за негово помилување, информира опозициската партија. Тој бара поништување на двете одлуки за негова аболиција. Во барањето, Заев наведува дека актот за помилување, потпишан од Иванов, е спротивен на Уставот и законите во Република Македонија. Заев смета дека претседателот Иванов на прес-конференцијата одржана на 15 април потврдил дека не се води од интересите на државата и граѓаните, туку извршува наредби за да го заштити Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев повторува дека ниту барал, ниту прифаќа амнестија.

„Не сме сите исти и не сме сите криминалци. Јас сум невин и својата невиност ќе ја докажам на суд, низ соодветна процедура. Не сакам воопшто да бидам аболициран, ниту помилуван. Не дозволувам да бидам ставен во ист кош со вистинските криминалци во власта“, наведува лидерот на СДСМ, и притоа бара Иванов веднаш да ги поништи одлуките за помилување и да поднесе неотповиклива оставка на функцијата.

XS
SM
MD
LG