Достапни линкови

logo-print

Папата поведе со себе 12 бегалци од Лезбос


Папата Франциск денеска, при заминувањето од островот Лезбос, со себе кон Рим поведе и 12 сириски беглаци, соопшти попладнево Ватикан. Како што јавија италијанските медиуми, станува збор за три семејства на бегалци-муслимани, од кои шест се деца. Според Ватикан, на овој начин папата сакал „да изрази гест на добредојде“ за бегалците, кои досега се наоѓаа во кампот на островот Лезбос. За овие бегалци ќе се грижи Ватикан и тие ќе бидат сместени во италијанската католичка заедница Сан Егидио.

Папата Франциск денеска во придружба на вселенскиот патријарх Вартоломеј и поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот атински и сегрчки Јероним, го посети центарот за прием на бегалци Морија на Лезбос, каде на мигрантите им порача дека не се сами и ја повика меѓународната заедница да покаже заедничка хуманост во бегалската криза.

Претходно, грчката телевизија ЕРТ јави дека папата при средбата со бегалците најавил дека планира со себе во Италија од Лезбос да поведе десетмина мигранти.

Во врска со ваквата најава, портпаролот на Ватикан, Федерико Ломабрди изјави дека „нема што да каже во овој момент“, додавајќи дека „секој момент има свое значење“.

XS
SM
MD
LG